ФОТО | Шефот на Алијансата со порака до Македонија: Во НАТО никој не е сам, ги штитиме нашите сојузници
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во заедничка изјава со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, оцени дека слабеењето на иранските воени капацитети ја зголемува безбедноста на евроатлантскиот простор и изјави дека Македонија е важна членка на НАТО.
НАТО не е вклучен во конфликтот што се случува на Блискиот Исток, но, да објасниме, Иран беше блиску до постигнување способност за нуклеарно оружје и до потенцијал за балистички ракети. Тоа не е закана само за Блискиот Исток, како и егзистенцијална закана и за Израел, туку и закана за нас тука во Европа, порача генералниот секретар на НАТО Марк Руте, на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Препорачано
Руте е во прва посета на земјава како генерален секретар на Алијансата, а во Вила Водно беше пречекан со највисоки државни и воени почести.
— Никој не е сам во НАТО. Вашите сојузници и пријатели се со вас. Ќе ве браниме и вас и сојузниците ако бидете вовлечени во кризата што ескалира деновиве на Блискиот Исток. Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна – нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум. НАТО е посветен на заштита на сите свои сојузници од каде и да доаѓаат предизвиците. Знам дека можеме да сметаме на Северна Македонија да го одигра својот дел — изјави Руте.
Додавајќи дека Алијансата ќе го брани „секој сантиметар од својата територија“, тој оцени дека слабеењето на иранските воени капацитети ја зголемува безбедноста на евроатлантскиот простор и ја оцени Македонија како важна членка на НАТО.

„Се соочуваме со глобална неизвесност“
Претседателката Сиљановска-Давкова му посака добредојде на Руте, оценувајќи дека неговата посета доаѓа во исклучително чувствителен геополитички момент.
— Се соочуваме со глобална неизвесност, геополитички тензии, сајбер закани, хибридни закани и закани од ширење дезинформации — изјави претседателката додавајќи дека актуелните случувања на Блискиот Исток дополнително ја нагласуваат потребата од сојузничка солидарност.
Таа посочи дека токму поради ваквите околности викендов го свикала Советот за безбедност, истакнувајќи дека ситуацијата бара будност, подготвеност, јакнење на инструментите за рано предупредување и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети.
Во контекст на можната реакција на земјата во случај на конфликт што би избил помеѓу НАТО и Иран, Сиљановска-Давкова рече дека не може да коментира како претставник на само една членка на Алијансата.
— Самото доаѓање на г. Руте кај нас е јасен знак дека НАТО е со нас и во неговото излагање беше потврдено дека Алијансата ќе ги брани сите членки ако се нападнати. Не можам да кажам што ќе се случи ако НАТО интервенира во регионот каде што се водат војните. Каков било разговор за активности на НАТО не може да се води само со изјава на еден претставник на земја на Алијансата, туку во рамките на НАТО. Сите чекори на членките ќе бидат утврдени по заедничка расправа — изјави таа.
Шефицата на државата оцени дека посетата на Руте е и потврда за солидарноста и за одговорноста на земјите членки на Алијансата, изразувајќи уверување дека во рамките на НАТО ќе се надминат евентуалните разлики за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките принципи на кои е втемелена Алијансата.

„Македонија ги исполни условите“
Сиљановска-Давкова нагласи дека Македонија продолжува да биде одговорна членка на НАТО и дека како кредибилен сојузник го спроведува Планот за инвестиции во одбраната, вклучително и обврските преземени на самитот во Хаг за издвојување одреден процент од бруто-домашниот производ за одбрана до 2035 година.
Таа потсети дека земјата го исполнила условот од самитот во Велс за издвојување најмалку 2 проценти од БДП за одбрана, при што повеќе од 30 отсто од тие средства се наменети за опрема и за модернизација.
— Не се во прашање само процентите, дали се 2 или 5, туку инвестицијата во заедничката одбрана и безбедност. Северна Македонија активно придонесува кон одвраќањето на непријателите и кон заштитата на позицијата на НАТО преку учество во борбените групи во Латвија, Бугарија и Романија, во мисијата КФОР во Косово и во мисијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина — истакна таа.
Руте, пак, се надоврза со изјавата дека македонските трупи заедно со сојузничките сили придонесуваат за безбедноста во Бугарија и во Латвија и изрази задоволство што земјата издвојува 2 отсто од БДП за одбрана. Притоа нагласи дека сите членки мора да ги зголемат инвестициите во одбраната за да ги достигнат заедничките цели.
Руте: Иран е закана за Европа, НАТО ќе го брани секој сантиметар од својата територија
„Регионот мора да влезе во ЕУ“
Сиљановска-Давкова ја искористи можноста да порача дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и за трајна отпорност на влијанијата од трети сили е итната и целосна политичка интеграција на регионот во Европската Унија.
Таа очекува претстојниот самит на НАТО да посвети особено внимание на безбедносната состојба на Западен Балкан и повика да се стави крај на, како што рече, вештачките причини од историски и идентитетски карактер што го попречуваат европското членство, со фокус на Копенхашките критериуми.
ФОТО | Левица го пречека Руте во Собранието со транспарент „НАТО убива за профит“
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“
Во однос на Украина, претседателката порача дека поддршката ќе продолжи, со цел да се постигне договор за траен мир.
Руте, пак, ѝ се заблагодари на Македонија за поддршката на Украина и за асистенцијата што ја дава во Германија во рамките на напорите за поддршка на украинската одбрана.
— Ова е важно за Украина да може да се бори против рускиот терор и да се постигне траен мир — истакна Руте.
Првиот човек на НАТО додаде дека регионалната соработка е клучна за безбедноста и дека Македонија има важна улога во стабилноста на регионот.
Најавувајќи го претстојниот НАТО самит во Анкара за четири месеци, Руте рече дека таму ќе треба да се покаже дека членките инвестираат во одбраната, во одбранбеното производство и дека ја продолжуваат поддршката за Украина, додавајќи дека е сигурен оти Алијансата може да се потпре на Македонија.


