Комеморација за Кили - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Комеморација за Кили - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ФОТО | „Фраер со харизма до небото“: Емотивно збогување со Кирил Поп Христов – Кили во МНТ

Комеморација во чест на актерот Кирил Поп Христов – Кили се одржа во Македонски народен театар, каде неговите колеги, пријатели и соработници се простија од уметникот кој почина на 11 март на 58-годишна возраст во Еквадор. Настанот беше обележан со сведоштва за неговиот професионален ангажман и личниот печат што го оставил во македонската културна сцена.

Актерката Арна Шијак истакна дека Поп Христов бил препознатлив по својот автентичен израз и посветеност на уметноста.

„Кили беше неповторлив и единствен, човек кој целиот свој живот го посвети на уметноста“, рече таа.

Комеморација за Кили - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Комеморација за Кили – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Во своето обраќање, Шијак го опиша како уметник со широк креативен опсег, активен во театарот, филмот, телевизијата и музиката.

„Живееше и твореше со театарот, филмот, телевизијата, музиката. Беше онаа ѕвезда која го исполнува секојдневието со својот карактеристичен излив на емоции, бунтовност во сето свое битие и маестрално подготвени улоги. Човек со огромна експлозија на енергија која ни ја пренесуваше нам, колегите, и тука на сцената и во публиката. Беше фраер којшто имаше харизма до небото. Беше човек кој кога ќе седнеше на пијаното, се претвораше во музичар од светските сцени на кои е достоен. Некој препознатлив стил. Човек кој трагаше по слободен простор без застанување. Човек полн љубов. Е, таков човек не може да не остави една голема празнина зад себе“, рече Шијак.

Комеморација за Кили - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Комеморација за Кили – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Актерката Даница Георгиевска се осврна на заедничките студентски денови на Факултет за драмски уметности, нагласувајќи го неговиот талент и специфичниот сценски израз.

„Можам да кажам дека Кили беше посебен. Не само посебен, туку меѓу посебните беше тој најпосебен. Со неговиот мултиталент, неговите способности на сцената, во музиката, во уметноста општо. Покрај неговите изиграни улоги, одлични улоги изиграни, тој знаеше да го чува и да го следи својот животен лик, ликот на Кили. Тој гордо и храбро го чуваше и го играше до крај ликот на Кили”, рече таа.

Комеморација за Кили - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Комеморација за Кили – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Таа додаде дека генерацијата во која студирале важела за исклучително силна и разновидна.

„Но, Кили и Љац, што можеа да направат во самата класа, тоа беше… Тоа беше уживање. Тоа беа настани коишто можеа само нам да ни се случат во класата“, кажа Георгиевска.

Комеморација за Кили - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Комеморација за Кили – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Сопственикот на радио „Бубамара“, Ранко Петровиќ, се присети на нивната соработка и личното пријателство, опишувајќи го Поп Христов како харизматична и препознатлива појава.

„Од почетокот, кога бев многу помлад, за нас во Скопје беше голем мангуп и беше генерација со сестра ми во ‘Орце Николов’. Ги слушав сите некои случки, анегдоти што се случуваа во градот и во училиштето и на некој начин беше недостапен, или да не кажам, преголем мангуп за нас помладиве во Скопје, но интересен лик во секој случај. На едно мое доаѓање во МНТ, во театарот забележав дека во бифето веднаш кога влезе сите очи беа вперени кон него и зрачеше со некоја посебна енергија што ја знаеше само тој, што ја имаше само тој, што ја поседуваше. Беше многу забавен, интересен, спонтан, непосреден, духовит и ми се виде многу интересно.

И така го поканив на една ‘Златна Бубамара’ која требаше да додели награда за Тоше Проески. Видов дека лесно се комуницира, многу убаво се работи со него и пробите беа многу забавни, интересни. На некој начин беше благослов.

За жал, ние откако веќе имаше некои проблеми со здравјето, нели сите знаеме како излезе, неколку пати се испраќавме. Еднаш на аеродром, еднаш пред болница да кажеме… Сега, за жал, се испраќаме вистински. Тој е многу далеку, за жал, како и неколку наши големи уметници. А ние можеме да се сеќаваме на сите тие убави емисии што беа на радио ‘Бубамара’ и неговите убави најави“, рече Петровиќ.

Комеморација за Кили - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Комеморација за Кили – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Кирил Поп Христов дипломирал во 1989 година на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Професионалната кариера ја започнал во Македонски народен театар, каде работел од 1993 до 2014 година, а повторно се вратил во 2018 година како дел од актерскиот ансамбл.

Во текот на својата кариера реализирал бројни улоги на театарската сцена, меѓу кои во претставите „Свадбата на Фигаро“, „Троил и Кресида“, „Мара/Сад“, „Домар“, „Ослободување на Скопје“, „Павилјони“, „Бетмен – враќањето на црниот витез“, „Злосторство и казна“, „Народен пратеник“ и други.

Покрај театарот, Поп Христов остави значаен траг и во филмот и телевизијата, со улоги во „Еј“, „Скопје ремиксд“, „Панкот не е мртов“, „Бал-кан-кан“, „Збогум на дваесетиот век“, „Тетовирање“, како и во повеќе телевизиски проекти. Дел од неговиот авторски ангажман е и музиката за филмот „Судијата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот