ФОТО | До 2026 година студентите конечно ќе се сместат во реновираните студентски домови „Стив“ и „Кузман“
Студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје што се реконструираат во моментов, ќе станат современи, енергетски ефикасни и ќе понудат услови за едукација и престој какви што треба да има и какви што студентите заслужуваат, порача министерката за образование и наука, Весна Јаневска која денеска заедно со раководителот на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија Стефан Худолин, раководителот на Германската развојна банка за Југоисточна Европа (KFW) Клаус Милер направи увид на градежните активности во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“
Препорачано
Реконструкцијата на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје треба да заврши до 2026 година. „Стив Наумов“ ќе располага со 43 еднокреветни, 22 двокреветни, 327 трикреветни и 11 соби за студенти со посебни потреби. Неговата реконструкција ќе чини десет милиони евра.

Во „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе има 216 еднокреветни, 12 двокреветни, 14 трикреветни соби и два апартмана, а реконструкцијата ќе чини седум милиони евра.
– За 18 месеци ќе станат современи, енергетски ефикасни и ќе понудат услови за едукација и престој какви што треба да има и какви што студентите заслужуваат.Целосно ја менуваме внатрешноста, столаријата, фасадата, поставуваме фотоволтаични панели и екосистеми за греење. Паралелно се подготвуваме за реконструкција на други седум студентски домови кои планираме да ги реализираме во текот на четиригодишниот мандат – порача Јаневска.

Таа додаде дека ова е една од мерките со која ќе се промени размислувањето на младите да заминат на студирање во странство.
– Во време кога недостасува работна сила важен ни е секој еден млад човек, па бидејќи е така да му овозможиме целосно да се реализира тука во сопствената земја – рече Јаневска.

Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка од 20 милиони евра и грант од речиси пет милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.
Сите студентски домови ќе имаат енергетски ефикасни фасади, нова водоводна и електрична инсталација, еко-системи за греење, енергетски ефикасни лед-светилки, комплетна промена на санитаријата и квалитетни безбедносни стандарди.

Министерката Јаневска истакна дека домовите ќе имаат фотоволтаични панели на покривите што ќе придонесе за голема заштеда на енергија, но и за намалување на емисија на јаглероден диоксид.
– Секако, она што е најважно, е подобрување на студентскиот стандард што ние исклучително значајно затоа што студентскиот стандард е една од компонентите со која сметаме дека ќе ги задржиме младите луѓе во нашата земја, за тука да останат, за тука да го градат својот живот и за тука да творат и да придонесуваат за себе лично и за татковината – изјави Јаневска.

Раководителот на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија Стефан Худолин на презентацијата истакна дека оваа инвестиција значително ќе придонесе за подобрување на квалитетот на студентскиот живот, ќе придонесе за одржливи услови и подобрување на еколошкото влијание.
– Кога ќе се потсетиме наназад на нашето студирање, студентското домување е важен дел од нашиот живот, има големо значење за нашиот потенцијал и развој – кога сме надвор од дома, а треба да се чувствуваме како дома – рече Худолин.

Раководителот на Германската развојна банка за Југоисточна Европа (KFW) Клаус Милер ја посочи важноста на овој проект за заштита на животната средина.
– Овој проект има огромно влијание, со оглед на тоа дека скоро половина од студентските домови ќе заштедат од 400 тони на емисии. Покрај енергетската ефикасност, зборуваме и за поудобни студентски домови, што значи дека се работи за инвестиција со сеопфатен пристап – рече Милер.

Овие два дома се дел од првата фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Македонија. Во следните две фази, во наредните четири години, се планира реконструкција на уште седум други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.


