Фото дијалог на двајца великани на алтернативната фотографија е претставен во КИЦ – Скопје
Изложба на фотографии на Жосеф Мариа Рибас Прус и Дамиан Диаконеску ќе биде отворена на 20 јуни, во 20.30 часот, во Културно-информативен центар – Скопје, во Салон „Империјал 2“. Изложбата е во рамките на второто издание на Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“.
Препорачано
Жосеф Мариа Рибас Прус (Барселона, Каталонија) е креативен фотограф – мајстор на црнобелата фото лабораторија. Тој е најнаградуваниот шпански ФИАП фотограф. Почесен член е на различни фотографски друштва и салони, наведен од уметниците во фелата како еден од фотографите со најмногу национални и меѓународни награди. Неговото дело е изложено во 62 меѓународни музеи и приватни колекции низ светот.
Меѓу темите на неговото творештво се издвојуваат уметничкиот акт, концептуализмот, пикторијализмот, пејзажот… Опишан е како автор со непогрешлив стил. Неговата уметничка кариера се заснова на постојаната потрага по убавото, кое го наоѓа во едноставноста на темата поткрепена со длабоко познавање на фотографската техника и хемиските процеси.
Работел со пигментарни процеси и други историски благородни техники, дихромати, цијанотипија, солени принтови, албумен, бромоил, платинотипија. Сето тоа искуство е видливо на неговите совршени класични аналогни, рачно изработени позитиви. Дел од тоа мајсторство ќе може да се види на оваа изложба.
Наспроти него ќе биде претставен Дамиан Диаконеску. Ако Рибас Прус е ѕвезда на светско ниво, Дамиан е недоволно познат и признат автор, дури и во неговиот роден Темишвар, а според неговите дела заслужува светска слава.
Во однос на пристапот, естетиката и односот кон визуелното, неверојатно интересно е да се види како двајца автори од различни делови од континентот, симултано, скоро истовремено работат слични процеси, слична тематика, во различни културни контексти – со драматично различен израз.
Со внимателно задлабочување во делата на двајцата автори, може да се слушне еден вечен паневропски дијалог, разговор за вечни теми, полн со ситни пецкања, дофрлувања, страст и жар во излагањето, но и многу потиснувања, кнедли во грлото, досетки и вицеви. Неверојатно ретко имаме можност да видиме вакви поставки кај нас. Изложбата ќе биде отворена до 30 јуни, известија од ЈУ Културно-информативен центар – Скопје.


