„Флораком„ и „Луна“ не прифаќаат – нема пари, стрпете се: Блокадите ќе продолжат, а правдата ќе се бара и на суд
Сите обиди на синдикатот да издејствува од јавното претпријатие исплата на платите се покажале неуспешни, а откако вработените јавно, со протест, го побараа тоа што го сработиле и што законски им следува, почнале и притисоци од раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ да не излегуваат на протести.
Aко до утре не им се исплатат двете заостанати плати на вработените во „Флораком“ и „Луна“ од понеделник можно е протестите на продолжат со блокади не само на Илинденска, туку и на Град Скопје, а заедно со вработените на протест ќе излезат и нивните семејства. Во знак на солидарност на протест ќе се повикаат и вработените во „Паркови и зеленило“.
Препорачано
Ова го соопшти претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, откако вработените на двете фирми – ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ денеска одново протестираа и два часа го блокираа сообраќајот на булевар Илинден. Сепак како што нагласи, идните чекори ќе се преземаат во договор со вработените.
Проблемите со исплатата на платите во овие фирми траат подолго време, а притоа во „Паркови и зеленило“ редовно земаат плати, од минатиот месец дури и со зголемен износ, додека пак вработените во „Флораком“ и „Луна“ се без плати од мај, па поради тоа останаа и без здравствено осигурување.
ФОТО-ВИДЕО | Вработените во „Флораком“ и „Луна“ ја блокираа Илинденска, бараат плати
Во меѓувреме сите обиди на синдикатот да издејствува од јавното претпријатие исплата на платите се покажале неуспешни, а откако вработените јавно, со протест, го побараа тоа што го сработиле и што законски им следува, почнале и притисоци од раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ да не излегуваат на протести.
Од СУТКОЗ најавија дека правдата ќе ја бараат и на суд.
Ние, како Синдикат СУТКОЗ, кој е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности, од понеделник во судовите ќе поднесеме соодветни поднесоци, односно кривични пријави и тужби против директорот на „Паркови и зеленило“ поради тоа што со неисплатата на платите и со здравственото осигурување на вработение во овие две фирми и на нивните семејства им е загрозено здравјето и нивниот живот, изјави Кашиковски.
Советот на Град Скопје на последната седница одржана минатиот месец изгласа субвенции во износ од 80 милиони денари, кои, според Кашиковски се доволни не само да се исплати платата на околу 62 вработени во „Флораком“ и „Луна“, туку и да се исплати и платата на вработените во „Паркови и зеленило“. Сепак, кога дел од вработените од овие две претпријатија во понеделникот накратко се сретнале со директорот на „Паркови и зеленило“ Јетон Бучи, им било кажано дека нема пари и дека треба да се стрпат.
Не разбираме зошто и покрај изгласаните субвенции, и покрај обезбедените пари од Советот на Град Скопје, раководството на Град Скопје и назначениот директор во „Паркови и зеленило“ од страна на градоначалничката, не преземаат мерки да го решат овој проблем и на овие вработени да им се исплатат платите за да не мора на овие пеколни температури да протестираат и дополнително да го загрозуваат своето здравје, рече Кашиковски.
За Синдикатот причина за ваквата состојба е недомаќинското работење на првиот човек на јавното претпријатие кое довело до тоа работниците своите права да ги бараат преку протест.
Вработените во „Паркови и зеленило“ ќе земаат плати повисоки за 4900 до 6200 денари
Вработените во „Флораком и „Луна“ во текот на изминатиот месец неколкупати излегоа на протест, но досега протестите се покажаа неуспешни, плати сѐ уште немаат. После протестот одржан на 17 јули им било ветено дека платата ќе им се исплаќа во ист ден кога и на „Паркови и зеленило“. Во меѓувреме „Паркови“ земаа плата, а ветувањето кон фирмите – ќерки не беше исполнето.
Освен исплата на платата за јуни, вработените во „Флораком“ бараат и исплата на регрес за годишен одмор за 2022, 2023 и 2024 година, согласно законски пропишаната обврска, како и останатите додатоци на плата.
Инаку, „Флораком“ се занимава со садење и одгледување садници кои им се даваат за садење низ градот на вработените од „Паркови и зеленило“. Вработените тврдат дека секој налог што го добиле го исполниле, а сепак платите постојано им доцнат, а последна имаат земено за мај.
Во меѓувреме, од „Паркови и зеленило“ не се огласуваат за протестите на „Флораком“ и „Луна“ и не објаснуваат зошто ги оставаат овие вработени без пари. Молчат и од Град Скопје.


