ФК Вардар му се заблагодари на Седлоски кој ќе ѝ се посвети на „А“ репрезентацијата
Фудбалерите на Вардар се вратија на тронот во македонскиот фудбал, скопските „црвено-црни“ повторно се шампиони на нашата земја по пауза од шест години, за вкупно 12 титула во клупската историја.
Препорачано
Играчите предводени од тренерот Гоце Седлоски забележаа 25 победи и пет нерешени резултати и само двапати ја почувствуваа горчината на поразот.
По шампионскиот трофеј во Првата лига, следен фокус на клубот ќе бидат квалификациите за Лигата на шампионите.
Официјално, Седлоски ќе го напушти Вардар кој изрази голема почит и благодарност кон шефот на стручниот штаб. Седлоски сега ќе биде посветен само на обврските со најдобрата македонска фудбалска репрезентација.
– Тој заминува да ја води „А“ репрезентацијата, но вратите во клубот за него секогаш остануваат отворени. Под негово водство, ФК Вардар ја заврши сезоната на најдобар можен начин — со освоена шампионска титула во Прва македонска фудбалска лига, како круна на напорната работа, дисциплината и тимскиот дух што ги изгради во тимот. Седлоски внесе стабилност, победнички менталитет и силен карактер во екипата, оставајќи значаен белег во развојот на играчите и резултатите на клубот. ФК Вардар му се заблагодарува за посветеноста, професионализмот и сите заеднички моменти, и му посакува многу успех во новата улога на чело на македонската А репрезентација. Среќно, тренеру — Вардар секогаш ќе ти биде дом – стои во објавата на клубот.


