Фискалните апарати фаќаат прав во многу дуќани и повеќе од две децении, УЈП им објави војна на недисциплинираните
Иако граѓаните сè повеќе ги скенираат фискалните сметки, дел од нив свесно избираат да пазарат кај трговци што не го почитуваат законот, но со тоа им помагаат да прикријат дел од прометот, велат од УЈП
Тоа што и по 24 години од задолжителното издавање фискални сметки, дел од трговците и угостителите се обидуваат да ги изиграат и муштериите, но и државата, покажува слаба даночна дисциплина, вели за „Слободен печат“ Елена Петрова, директорка на Управата за јавни приходи.
Препорачано
Петрова е децидна дека овие сметки не се обично парче хартија, ниту избор на компаниите дали ќе даваат или ќе ги избегнуваат фискалните сметки, бидејќи законот мора да се почитува. Последните контроли на УЈП во изминатиот викенд покажаа фрапантни податоци дека кај дури 25 отсто од операторите е утврдена неправилност со неиздавање фискални сметки, па затоа во наредниот период фокусот ќе биде насочен кон сите угостителски објекти – ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичарници и други субјекти што работат со готовински плаќања.
Од УЈП додаваат и дека спровеле обемен процес на советодавни активности и канцелариски анализи, со цел да се согледа однесувањето на даночните обврзници и нивото на усогласеност со законските прописи, и тоа во 3.500 продавници и угостителски објекти. До крајот на ноември годинава Управата спровела околу 4.000 контроли за регистрирање на готовинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година. Притоа изречени се повеќе од 2.500 глоби, а за 113 даночни обврзници изречени се мерки за забрана за вршење дејност, односно запечатување објект.
– Фактот дека секоја четврта контрола завршува со неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет, што укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики што се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот. Парите од граѓаните не смеат да завршат во приватни џебови и затоа пред новогодишните празници кога прометот се зголемува, ќе продолжиме со зајакнати контроли. Треба да се каже и дека иако граѓаните сè повеќе ги скенираат фискалните сметки, дел од нив свесно избираат да пазарат кај трговци што не го почитуваат законот, но со тоа им помагаат да се прикрие дел од прометот – децидна е директорката Петрова.
Обврската за воведување и користење фискален систем на опрема за регистрирање готовински плаќања е воведена од 4 мај 2001 година.
Даночните обврзници што данокот од доход за приходите од вршење дејност го плаќаат според паушално утврден нето-приход, освен таксистите. Ослободени од издавањето фискални сметки се физичките лица што издаваат под закуп станбен или деловен простор, пазарџиите, како и лицата што вршат дејности во објекти што се наоѓаат во населени места со помалку од 300 жители и кои се сместени во високопланински и тешко достапни места, со исклучок на туристички места, лицата што вршат улична продажба на весници и списанија – колпортерска продажба итн.
Инаку до 30 јуни годинава во земјава има 75. 604 регистрирани фискални апарати, а бројот на активни фискализирани даночни обврзници е 38.939.


