Финалисти на наградата „Пегаз“ беа претставени на тројна промоција на „Арс Ламина“

Промоцијата се одржа во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Ист гејт“

Во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Ист гејт“ на 29 септември издавачката куќа „Арс Ламина“ одржа промотивен настан за трите романи-финалисти за наградата „Пегаз“ во 2022 година.

Промоцијата се однесуваше на насловите „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон, кои во конкуренција од 38 ракописи беа разгледувани во финалниот круг од страна на стручната комисија во состав: Владимир Јанковски, писател и уредник, Елизабета Баковска, писателка и теоретичарка, и Бисера Бендевска, претставничка на издавачката куќа.

Со авторите на романите разговараа уредничките од редакцијата на „Арс Ламина“, Оливера Ќорвезироска, Татјана Димовска-Атанасова и Бисера Бендевска.

„Писма од лудница“ е шпионски и политички трилер, сместен во совремието, но се занимава со минатото и со немирните духови од едно не толку далечно време во идиличната Југославија, кога врз пепелта од урнатините од големата светска војна, почна да се создава државата што тежнееше да стане утописко место. Романот ги следи приказните на младиот психијатар-стажант Војдан Лукин и на старецот Илија Петровски, кои постепено почнуваат да создаваат сложена плетка од ликови, мотиви и настани.

Срѓан Ивановиќ со романот „Писма од лудница“

– И покрај тоа што денес постојат многу романи за Југославија и сè уште се пишува на таа тема, решив да напишам роман што на поинаков начин ќе ги опише настаните околу создавањето и уривањето на поранешната држава, низ призма на еден лик, кој како агент на УДБА бил директен учесник во настаните. Немам намера да го оправдам дејствувањето на оваа тајна служба, туку да дадам поинаква светлина на случувањата, што е поткрепена со темелна подготовка и многу исчитани страници на оваа тема – истакна авторот на „Писма од лудница“, Срѓан Ивановиќ.

Романот „Мртва коска“ е широка, епска фреска со мноштво автентични ликови распнати помеѓу стварното и нестварното, помеѓу сонот и јавето, вистината и лагата, желбите и можностите, создава цел еден можен, реалистично-ониричен свет сред неможноста на нашето време.

Димче Парталоски со романот „Мртва коска“

Сложената, вмрежена приказна за ликовите извајани од нашите стварносни небитија и населени во една зграда на улицата „Прашка“ на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, продира до најдлабоките пластови на личното, но и на колективното, општественото.

– Многу размислував за насловот на мојот роман. Имав најразлични идеи, сакав метафора што ќе го ’носи‘, ќе го ’содржи‘ целиот роман. „Мртва коска“ мислам дека е токму тоа, метафора за сите израстоци на човекот и на општеството во кое живееме – посочи Димче Парталоски.

Романот „Есента во животот на професорот по марксизам“ е приказна за другарот 068, пензиониран професор по марксизам. Другарот 068 останува вдовец и се задушува во сопствениот стан во кој не е сигурен кој е помртов, тој или неговата Матилда. Револуционер без револуција, тој е како морнар среде пустина. Еден ден, собира храброст и го отвора своето досие од УДБА и како од Пандорина кутија ги ослободува духовите од минатото.

Моџо Килингтон е автор на романот „Есента во животот на професорот по марксизам“

– Романот е приказна за стареењето и за работите што ги чекаме, со години, со децении, цел живот и работи што не ги дочекуваме. Работи за кои се спремаме, но тие не се спремни за нас. Работи што ги посакуваме, а тие не нè посакуваат. Што би рекол Ленин: „Има децении во кои ништо не се случува и има недели во кои се случуваат децении“. Ние живееме во децениите во кои не се случува ништо, чекајќи ги неделите да се случат децении. Пораката е едноставна – погледнете околу себе и ако сте задоволни, тогаш романот не ви треба. Погледнете и дома околу себе, ако не сте десеткувани од капитализмот и во тој случај не ви треба овој роман – истакна Моџо Килингтон.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 199, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот