Насловна корица на книгата „Континуитет наспроти дисконтинуитет(и): Епистемологијата на Гадамер и Фуко“

Филозофскиот регал на „Аз-Буки“ е збогатен со книга во авторство на Тијана Петковска

Деновиве излезе од печат 87-та книга во рамките на едицијата „Филозофија“ на издавачката куќа „Аз-Буки“. Станува збор за изданието „Континуитет наспроти дисконтинуитет(и): Епистемологијата на Гадамер и Фуко“ во авторство на Тијана Петковска.

Книгата го збогатува македонскиот филозофски регал со важен авторски придонес, кој има централно место во мисијата на издаваштвото „Аз-Буки“.

– Што знам? Што разбирам? Како она што го знам станува дел од она што го разбирам? – Не постои едноставен одговор, ниту единствен пристап преку кој може да се дојде до каков било одговор на овие прашања. Дали ќе го започнам испитувањето од мојот ум, од неговите категории? Од извесноста на она што непоколебливо го земам за вистинито или од навиките што се создадени под раководство на моите искуства? – Одговорите зависат и од местото од кое ќе се започне истражувањето.

Потесната епистемолошка определба на ваквите прашања секое истражување ја започнува од субјектот кој познава, знае, разбира. Субјектот, кој е единка, индивидуа или колективитет. Субјектот во кој се прекршуваат можностите за универзални, априори знаења или чиј ум – кој познава – се кали во допирот со емпиријата. Но, како „светот“ во кој живеам – со неговата историја, јазик, правила – учествува во начинот на кој можам да знам и преку кој можам да ги разберам стварите (и самиот тој свет, неговата историја, јазик, правила)? Како она што го знаеме преоѓа во она што го знам? Дали, и како, кога ќе го пречекори тој праг, учествува во формирањето на моето разбирање? – Овие прашања се почетната точка од која започна формирањето на централниот проблем на трудот.

Меѓутоа, тие секако ниту ја исцрпуваат сложената мрежа која ја формираат знаењето и разбирањето во нивниот заемен однос, ниту остануваат во оваа конечна форма до крајот на истражувањето. Односот на споменатите епистемолошки поими ги открива границите на проектот започнат во трудот.

Прашањата започнуваат и завршуваат онаму каде што се пресекуваат знаењето и разбирањето со историјата и со историчноста, со јазикот и со методологијата на нивното испитување во рамките на хуманистичките науки и на филозофијата – истакнува авторката Тијана Петковска во воведот кон изданието „Континуитет наспроти дисконтинуитет(и)“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 309, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот