Филозофскиот филмски фестивал завршува со доделување на наградите, филм на Жан-Лик Годар и концерт на „Кокиче“
Програмата за затворањето на 16. Филозофски филмски фестивал (28 мај, четврток, 20:00, МКЦ) предвидува прогласување на наградените филмови, добитници на „Златен був“ од жирито и од публиката, проекција на последното снимено филмско парче на големиот филмски бард, францускиот режисер Жан-Лик Годар (1930-2022), „Сценарија / Експозе“ (Scénarios / Exposé du film annonce du film „Scénario“), кој е дел од Придружната програма (ПП).
Препорачано
Краткиот филм „Сценарија“ и придружното „Експозе“ претставуваат длабоко емотивен кинематографски тестамент и финално збогување на еден од најголемите иноватори во историјата на филмот, Жан-Лик Годар.
Завршен буквално еден ден пред неговата асистирана смрт, овој двоен проект е фасцинантен и суров колаж кој ги брише границите меѓу филмот, визуелната уметност и филозофијата.
По филмот ќе има пригоден коктел и концерт на „Кокиче“ (Филип Методиев, Раде Биковски, Мартин Џорлев, Дарио Циевски).
Музиката на „Кокиче“ е комплексна игра на инструменти во којашто гитарата е разиграна и мелодична, басот може да го почувствувате со сопственото срцебиење, тапаните се динамични и го шараат звучниот простор кој е целосно e обземен од длабоките и сонливи синтови.
Организатор на Филозофскиот филмски фестивал е Филозофското друштво на Македонија, а годинава по јубилеен десетти пат институционално е поддржан од Агенцијата за филм на Република С Македонија.


