Филмскиот проект „Пролетно чистење“ на Марија Апчевска Петровска доби поддршка за развој од МЕДИА

Марија Апчевска Петровска

Дебитантскиот долгометражен филмски проект „Пролетно чистење“ (Spring Cleaning) на режисерката Марија Апчевска Петровска, во продукција на „Кино око“, доби финансиска поддршка за развој од програмата „Креативна Европа МЕДИА“ (Creative Europe MEDIA).

Потпрограмата МЕДИА во склоп на програмата „Креативна Европа“ е наменета за европската аудиовизуелна индустрија и овозможува поддршка на европските филмски работници за развој на нови филмски проекти, наоѓање на партнери и обраќање до поширока публика, надвор од националните граници.

Со системот на МЕДИА за давање финансиска поддршка олеснето е кофинансирањето на филмовите на помалите продукциски компании, кои најчесто се сретнуваат со потешкотии при прoнаоѓањето на нови извори на финансирање.

Потпрограмата МЕДИА, исто така, поддржува развој и дистрибуција, вклучувајќи ги играните и документарните филмови, телевизиските серии и новите медиски проекти.

Проектот „Пролетно чистење“ (Spring Cleaning) е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, соопштија од „Кино око“.

Како потсетување од филмографијата на режисерката, пред две години краткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска Петровска, во продукција на „Кино око“, беше селектиран во Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и се натпреваруваше за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот