Филмски фестивал на плажа: Протоколите ги ограничија билетите, но не и интересот за филмовите

Со доделување на наградите и со премиерата на македонскиот независен филм „ТМ“, во режија на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, на 26 јули беше затворено третото издание на Фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“, кое оваа година се одржа на охридската плажа „Св. Стефан“, на бродот „Армада“ и во гимназијата „Св. Климент Охридски“.

Фестивалот „Бич филм фестивал“ почна на 22 јули со специјална проекција на играниот филм „Сплавот“ во режија на Одед Раз од Израел, филмската програма за млади и со македонски студентски филмови, со чии автори публиката имаше можност да разговара веднаш по проекциите. Официјалното отворање се случи на две локации, на плажата „Св. Стефан“, каде што беа прикажани кратки играни филмови од официјалната селекција и српскиот филм „Асиметрија“, како и на бродот „Армада“, каде што посетителите имаа можност да го погледнат филмот „Прозорец кон морето“ и да уживаат во свежиот езерски воздух пловејќи по Охридското Езеро.

Вториот фестивалски ден почна со работилницата „Локална перспектива за млади филмаџии: Од филм без буџет до долгометражен филм“, предводена од Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов. Работилницата беше организирана во соработка со „European Film Challenge“.

Третиот ден почна со работилница за актерска игра „Озвучи ја својата имагинација“, под менторство на актерката Христина Цветаноска, а заврши со проекција на кратки играни филмови од официјалната селекција и германскиот филм „Лавкат“.

Претпоследниот фестивалски ден го одбележа проекцијата на два играни филмови – рускиот „Слободен сум“ и холандскиот „Кала Азар“. За опуштање на атмосферата пред филмската програма се погрижија домашни артисти со свои диџеј сетови.

Фестивалското жири беше во состав Вардан Тозија, Елена Станишева и Наташа Петровиќ

– Од вкупно 30 филмови од 14 држави, комисијата во состав Наташа Петровиќ, Вардан Тозија и Елена Станишева, наградата за најдобар игран филм ја додели на „Кала Азар“ во режија на Јанис Рафа, додека за најдобар краткометражен игран филм беше избран „Блузот на фармерот“ во режија на Ибер Деари. Специјалната награда за актерско остварување „Стефан Сидовски Сидо“ ја доби Ема Суарез од филмот „Прозорец кон морето“, додека наградата за најдобар студентски филм беше доделена на „Соба бр. 16“ во режија на Владимир Владимиров.

Билетите за сите пет фестивалски денови беа однапред распродадени, се бараше карта повеќе но, за жал, бевме ограничени поради протоколите за заштита, кои максимално се почитуваа – истакна Ана Опачиќ, директорка на фестивалот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 42, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот