Проекциите во Скопје се одржуваат во Кинотеката

Филмот и културата создаваат нови мостови – Отворен Фестивалот на грчки филм

Во полната сала на Кинотека, во присуство на актери, режисери, дипломати, претставници на политичкиот и културниот живот во земјава, на 7 април беше отворен 4. Фестивал на грчки филм. Присутните ги поздрави Клери Коцидас, шеф на Канцеларијата за јавна дипломатија во Амбасадата на Грција.

– Фестивалот почна да се одржува по четврти пат на секои две години во Скопје, а годинава за првпат ќе се одржи и во Битола во „Кино Манаки“. Ви посакувам да уживате во проекциите – рече Коцидас.

На присутните им се обрати и директорот на Фестивалот „Киненова“, Небојша Јовановиќ, кој рече дека е голема радост кога човек успева да создаде пријателства, во моменти кога тоа изгледа дека не е можно и таму каде изгледа дека нема простор за тоа.

– Со ваква мотивација, заедно со помошта и влогот на сите мои прекрасни пријатели и колеги од Хеленската Република и особено драгите пријатели од Амбасадата на Хеленската Република, создавањето на овој фестивал е чисто задоволство за мене. Во оваа прилика изразувам огромна благодарност за недвосмислената поддршка од страна на Амбасадорот на Хеленската Република во Северна Македонија, нејзината екселенција Софија Филипиду.

Ние можеби нема да го промениме целиот свет, можеби нема да ги избришеме границите, но сигурно ќе создадеме нови гранични премини и нови мостови преку програмата на фестивалот, бидејќи културата ја има таа моќ, а филмот особено, преку длабоката и широка комуникација на животните теми кои директно произлегуваат од актуелното грчко општество – рече Јовановиќ.

На програмата на Фестивалот во Скопје на 8 април е филмот „Невидлив“ на Димитри Атанитис, кој ја раскажува приказната за Арис, кој ненадејно е отпуштен од фабриката во која работи. Чувствувајќи се како жртва, тој чекор по чекор станува опседнат со идејата да ја земе правдата во свои раце. Во моменти кога тој се чувствува целосно подготвен да продолжи со својата цел, неочекувано се појавува неговата поранешна сопруга, оставајќи му го нивниот мал син.

Авторот и режисер Димитри Атанитис е член на Европската филмска академија, со реализирани 11 играни филмови со референци и 60 награди за неговата работа ширум светот. Во неговиот филм „Невидлив“ (2016), кој освои 17 награди на меѓународни филмски фестивали, Атанитис усвојува иновативен пристап кон филмската форма и нарација.

Кратокиот филм „Бјути“ на Танос Либеропулос ќе биде прикажан пред долгометражниот филм. „Бјути“ говори за Кали, невработена млада жена која живее со нејзината мајка која постојано ја контролира, бара излез низ блескавиот, но суров универзум на „YouTube beauté“. Таа ќе ги надмине своите граници за да ги задоволи нејзините неколку претплатници, а притоа да има насмеано лице и да одржува совршена претстава за себе. Проекцијата почнува во 20 часот, а влезот е слободен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот