Филиповска-Грашкоска: Целосна дигитализација на планирањето и вршењето инспекциски надзор

Таа во интервјуто говори за предизвиците на терен на инспекторите при контролирањето на мерките и протоколите за спречување на вирусот КОВИД-19, кадровската екипираност,  санкционирањето…

Со воспоставувањето на систем за е-инспекција се очекува да се дигитализира целосно постапката за планирање и вршење на инспекцискиот надзор, со што ќе се сведе на минимум субјективноста на инспекторите при вршење на контролите, вели во интервју за МИА Магдалена Филиповска Грашкоска, претседателка на Инспекцискиот совет.

Таа во интервјуто говори за предизвиците на терен на инспекторите при контролирањето на мерките и протоколите за спречување на вирусот КОВИД-19, кадровската екипираност,  санкционирањето…

Имајќи го предвид ризикот, инспекторите се рамо до рамо со медицинските лица, полицајците, армијата и сите оние во кризните штабови кои се грижат оваа криза да ја поминеме што побезболно, оценува Филиповска Грашкоска.

Спречувањето на ширењето на вирусот КОВИД-19 бара лична одговорност и совесно однесување од граѓаните и фирмите, а во контролата на уредбите, мерките и препораките, покрај полициските службеници, во голем дел се вклучени инспекторите. Како се справувате со зголемениот обем на работа, имаат ли инспекторатите доволно ресурси за справување со состојбите на терен?

Сите сме сведоци дека неколку месеци, ништо веќе не е како што беше претходно. Коронавирусот ја смени редовната динамика на нашето живеење, а Владата и останатите државни институции беа принудени да воведат драстични мерки во насока на заштита на највредното кое секој граѓанин го има, а тоа е здравјето на секој од нас.

Инспекциските служби преку вршење на вонредни инспекциски надзори, имаа многу важна улога во контролата на спроведувањето на мерките за превенција и заштита од ширење на коронавирусот, а таа улога ќе продолжи и во периодот кој следи. Изминатите месеци, сите инспекциски служби во надлежност на Инспекцискиот совет, а особено Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот пазарен инспекторат , Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за лекови и медицински помагала и Агенцијата за храна и ветеринарство даваа максимални напори, во насока на контрола на сите одлуки, препораки и мерки кои Владата ги донесе и при тоа допринесоа за заштита на здравјето на граѓаните, за заштита на работничките и правата на потрошувачите, и за обезбедување на соодветни цени и квалитет на лековите, заштитните средства и одредени прехранбени производи.

Би сакала да истакнам дека инспекциските служби вложуваат максимални напори и го користат целосниот човечки капацитет, за спроведување на сите препораки и за контрола на пријавите кои пристигнуваат од граѓаните или медумите, со што уште еднаш се докажа дека инспекциските служби се на ниво на нивната задача дури и во вакви вонредни и непредвидливи услови. Дополително, ја цениме и заложбата на Владата на Република Северна Македонија што во овој период ја препозна потребата за заедничка соработка и дејствување и како подршка на инспекциските служби ги стави на располагање капацитетите на останатите државни органи, особено на Управата за јавни приходи, ЦУК и Финансиската полиција, бидејќи преку заедничка акција и координирано дејствување можеме побрзо и поефикасно да се справиме со корона кризата и да придонесме кон обезбедување на општествениот прогрес.

Од друга страна, би сакала да напоменам дека кадровската екипираност генерално во инспекциските служби не е на завидно ниво, со оглед дека во изминатите десетина години анализите покажуваат дека не се реализирани голем број вработувања на инспектори, а дополнително голем процент од веќе вработените инспектори го исполнија или насокоро ќе го исполнат правото на старосна пензија. Токму од овие причини, една од новините на новиот Закон за инспекциски надзор, кој почна да се применува во декември 2019 година, се однесува на условите за вработување и унапредување на инспекторите, како и на правата на инспекторите (зголемување на платата на инспекторите, задолжително осигурување на работно место итн.), се со цел инспекциската служба да стане поатрактивна.

Кои се најголемите пробеми со кои се соочуваат инспекторите, каков е односот кон нив од страна на фирмите и граѓаните, што велат нивните искуства?

Имајќи ги предвид информациите кои ги добиваме секојдневно од инспекциските служби за нивната работа на терен, може да се констатира дека најголемот дел од правните лица ги почитуваат мерките и одлуките на Владата и имаат коректен и партнерски однос со инсепекторите. Во повеќе наврати информиравме дека компаниите генерално ги спроведуваат мерките во делот на ослободување од работа на вработените кои се родителни на деца под 10 години, самохрани родители, хронично боли лица и бремени жени, ги преземаат сите мерки за заштита на своите вработени кои се на своите работни места, од страна на угостителите поголемиот дел ги почитуват протоколите за работа, производителите на храна ја одржуваат потребната хигиена, цените на лековите, заштитните средства и на одредени производи се соодветни и сл.

Но, за жал има и правни субјекти кои делумно или во целост не ги почитуваат мерките и препораките, како и случаи кога кон инспекторите се настапува некоректно, со што им се отежнува вршењето на инспекцискиот надзор, а во исклучителни ситуации им се загрозува и нивната безбедност, поради што во таквите случаи се барала и асистенција од полицијата. Особено би ги издвоила неколкуте ситуации со одредени угостителски објекти веднаш по нивното отварање, непочитување на работното време, како и примерот со превозот на работниците во конфекциите од Штип, за кои јавноста беше информирана. За жал, иако голем број субејкти ги почитуваат мерките, овие примери докажуваат дека непочитувањето на мерките дури и од страна на мал број на субјекти може да доведе до огромен број на новозаразени лица со корона вирусот.

Што доминара во сакционирањето, едукативниот дел или конкретните санкции, колку се ефектуираат навреме санкциите што се изречени од останатите институции за да има реален ефект?

Со оглед дека важечките закони со кои се регулира областа на инспекцискиот надзор имаат за цел да ја апострофираат превентивната улога на инспекциските служби, како и фактот дека поголем дел од субјектите на надзор ги почитуваат во целост мерките и препораките на Владата, онаму каде што дозволуваше фактичката состојба инспекторите вршеа едукација, меѓутоа доколку се утврдеше дека станува збор за поголеми прекршувања на протоколите со што се загрозува јавното здравје беа изрекувани соодветни санкции, како што се глоби, прекршочни пријави, па дури и кривични пријави.

За жал, искуството од изминатиот период ни покажа дека превенцијата некои правни субјекти ја злоупотребија, поради што се зголеми ризикот од ширење на корана вирусот. Токму од тие причини, а дополнително и со зголемувањето на фреквенцијата на луѓе во трговските и во угостителските објекти, инспекторите ќе ги засилат контролите и секое прекршување кое ќе го констатираат ќе биде санкционирано.

Во однос на реализацијата на изречените санкции од страна на инспекторите, во овој момент не сме во можност да дадеме детални информации од причина што согласно Законот, инспекциските служби се должни по завршувањето на првата половина од тековната година да достават детален извештај за нивната работа и во овој извештај треба да бидат опфатени и податоците за бројот и видот на изречените мерки на ниво на цела држава, како и нивната реализација.

Според искуствата што ги имате со новата состојба на терен , но и со претходните, што треба да се промени во начинот на работата и организацијата на инспекторатите или во регулативата за поефективно работење?

Како што напоменав и претходно, во декември 2019 година почна со примена новиот Закон за инспекциски надзор со кој во голема мера се промени начинот на работа и организација на инспекциските служби , односно од една страна се зголеми транспарентноста , предвидливоста и правната сигурност на субјектите на надзорот, а од друга страна се даде можност да се подобри квалитативната и квантитативната структура на инспекторите преку воведување на нов систем за лиценцирање на инспектори и нивно стручно усовршување. Впрочем, во изминатите три години ова беше стратешка цел на Инспекцискиот совет, како координативно тело на инспекциските служби во рамки на државната управа.

Позначајни новини кои се воведоа со овој закон се Листите за проверка , Методологиите за процена на ризик, како и воспоставување на системот за е-инспекција. Сите овие новини веќе почнаа да се имплементираат, за што и добивме и меѓународна поддршка. Имено, изработени се Листи за проверка за повеќе од 200 закони по кои постапуваат инспекциските служби во надлежност на Советот; во периодов се изработуваат и методологиите за процена на ризик чија цел е објективно планирање на инспекциските надзори; и започнато е воспоставувањето на системот за е-инспекција за три пилот инспекциски служби ( Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Државен управен инспекторат). Со воспоставувањето на системот за е-инспекција се очекува да се дигитализира целосно постапката за планирање и вршење на инспекцискиот надзор, со што ќе се сведе на минимум субјективноста на инспекторите при вршење на контролите.

Реформи на администрацијата во делот на инспекциските служби беа најавувани уште пред кризата. Што се реализираше досега од планираното?

Токму така, минатата година започна процесот на реформа на јавната администрација во кој се опфатени и инспекциските служби, и истиот е во надлежност на Министерството за информатичко општество и администарција. Како дел од реформата е и новиот закон за инспекциски надзор, со што веќе се во примена голем број новини за кои делумно говорев претходно. Но, реформата е многу поопсежен процес кој освен измена на регулативата опфаќа и процес на реорганизација на целата администрација, вклучително и на инспекциските служби. Зошто? Затоа што во пракса се случува за одредена дејност да се дуплира надлежноста на повеќе инспекциски служби коишто имаат или тврдат дека имаат надлежност, со што може да се креира несигурност кај субјектите на надзор.

Имено, од страна на Инспекцискиот совет беше изготвена предлог Функцинална анализа која се заснова на раздвојување на функцијата на креирање политики и регулаторна функција од една страна, од контролно- надзорна функција од друга страна. Едноставно кажано, тоа значи дека е потребно министертвата да креираат политики, регулаторите да ги издаваат дозволите, лиценците и слично, а инспекцискиите да имаат само надзорна функција. Дополнително, со оваа предлог Функционална анализа се предлага намалување на бројот на инспекциските служби, преку спојување или припојување на инспекциски служби во случаи кога постои сродност и комплеметарност на надлежностите. Доколку дојде до реализација на овој предлог, во инспекцискиот ситем под координација на Советот би се преполовил бројот на инспекциските служби.

Што би им порачале на граѓаните и инспекторите со цел заеднички да се добие битката со пандемијата?

Најпрво би сакала да ја искористам оваа можност да се заблагодарам на сите граѓани и правни лица кои доследно ги почитуваат мерките и препораките. Исто така, сакам да им се заблагодарам и да ги потикнам сите граѓани и новинари кои со своите укажувања ни помагаат да детектираме одредени отстапувања од почитувањето на воведените мерки и брзо да ги надминеме овие појави, бидејќи ваков тип на активизам помага да го заштитиме пред се јавното здравје, што е врвен приоритет на Владата.

Морам да искажам и голема благодарност до сите инспектори кои несебично се вложуват во борбата против корона вирусот , ставајќи го јавниот интерес и општото добро пред личниот инстерес, со што се докажува нивната професионалност. Имајќи го предвид ризикот, сметам дека инспекторите се рамо до рамо со медицинските лица, полицајците, армијата и сите оние во кризните штабови кои се грижат оваа криза да ја поминеме што побезболно.

Би сакала да потенцирам дека борбата со коронавирусот не е завршена. Сите ние имаме одговорност да ги почитуваме мерките и да се грижиме најпрво за нашето здравје, за здравјето на нашите најблиски, за здравјето на нашите колеги, соседи, познаници, но и за општото јавно здравје. Затоа, апелирам стопанствениците максимално да ги почитуваат донесените протоколи за работа, а граѓаните да бидат совесни и да ги применуваат мерките за самозаштита: носење на маска, држење на дистанца од 1,5 до 2 метри, одржување хигиена на раце, како и редуцирање на непотребни социјални контакти. Колку повеќе ги почитуваме протоколите и препораките, толку повеќе влијаеме на јавното здравје и придонесуваме побрзо и поефикасно да ја надминеме состојбата во која се наоѓаме. Сакале или не, оваа состојба е реалност. Коронавирусот е тука и мора да се навикнеме да ги извршуваме секојдневните активности применувајќи ги заштитните мерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот