Филипче: ВМРО-ДПМНЕ е во оска со властите во Србија, Унгарија и Русија, ја изолира државата
Економска криза, а потоа и „мигранти за пари“, се сценаријата што ја очекуваат државата, вели лидерот на СДСМ во денешното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Препорачано
Филипче ја обвини власта за изолација на државата од европскиот пат и предупредува за врски со властите во Србија и Унгарија, но и со Русија.
Наводните притисоци кон докторот Жан Митрев, според него се, „измислен рекет случај“.
За случувањата во СДСМ, Филипче вели дека не стравува од пуч.
На прашањето кога очекува да се случат предвремени избори, тој вели дека не може со сигурност да претпостави, но смета дека тие сигурно ќе се случат согласно кризата што ја очекува државата.
„Оваа власт се грижи само за сопствените интереси, зашто мора да се испорача тоа што никогаш не го демантираа дека ќе стигнат мигранти за пари и затоа се потребни предвремени избори. Дали ќе бидат на крајот од оваа година, следната, ќе видиме, но до 2028 година нема да може да се издржи вака“, кажа Филипче.
За тоа дали има информација за некаква внатрепартиска платформа или иницијатива за негова промена, рече дека такви шпекулации и тој слушнал, но ги оцени како невистинити.
„Не стравувам од ништо поради тоа што праведните политики, искрената желба и волја, искрената намера партијата повторно да ја вратиме на победничките патеки е на моја, односно на страна на раководството. Секој е добредојден и повторно ќе кажам нормално е да немаат сите исто мислење, ниту пак да се сите задоволни од мојот начин на менаџирање, меѓутоа јас сум отворен за сите тие сугестии да ги слушнам тука во партијата“, истакна лидерот на СДСМ.


