Венко Филипче Фото: СДСМ

Филипче најави дирекција по примерот на романската ДНА, експертите бараат претпазливост

Нулта толеранција на корупција и дигитална транспарентност е клучниот столб на кој се темели програмата на СДСМ „Фронтот за вистина и правда“, што викендов ја промовираше лидерот на партијата Венко Филипче. Другите столбови на програмата, како што посочи тој, се иднина за младите, достоинствен живот за сите и силно село и земјоделци.

– Новиот закон за нулта толеранција на корупција и дигитална транспарентност не е само закон, туку гаранција дека корупцијата ќе има име и презиме – порача Филипче на промоцијата на „Фронтот“ и додаде дека државата има потреба од ваков закон бидејќи граѓаните повеќе немаат доверба во системот поради долгогодишните празни ветувања и недостигот на конкретни резултати во борбата против корупцијата.

Во законот за нулта толеранција на корупцијата е предвидено проширување на соработката со Европското јавно обвинителство, основање на национална антикорупциска дирекција според моделот на романската Национална антикорупциска дирекција (ДНА), задолжителна електронска декларација на имот, целосна дигитализација на јавните набавки, тендери и услуги според естонскиот модел, заштита и награда за свиркачи кои ќе пријават корупција и регистар на црна листа.

– Нова целосно независна институција, полна финансиска и кадровска независност, надлежност за сите, од премиер до градоначалник, до најситен функционер на локално ниво. Директорот се избира со двотретинско мнозинство во Собранието, за да не може ниту една политичка партија да влијае и да го контролира. Моделот е комбинација на романската ДНА, која има огромна ефикасност, и естонските дигитални алатки. Финансирањето е 60 отсто од европските пристапни фондови и 40 отсто од буџетот, плус пари вратени од корупцијата – рече Филипче.

Што е романската ДНА

Романскиот Национална антикорупциска дирекција (ДНА) често се посочува како една од најуспешните институции за борба против високата корупција во Источна Европа. Основана во 2002 година, ДНА е специјализирано обвинителство задолжено за истраги против високи функционери, осомничени за корупција, злоупотреба на службена положба, местење тендери и перење пари.

Институцијата особено се прослави во периодот кога со неа раководеше Лаура Ковеши. Тогаш ДНА отвори истраги и поведе обвиненија против десетици високи политичари, меѓу кои и против поранешен романски премиер. Поради тоа, институцијата стекна репутација на симбол на антикорупциската борба во регионот.

Во македонски контекст, најслична институција на романската ДНА беше Специјалното јавно обвинителство (СЈО), формирано во 2015 година. СЈО доби задача да ги истражува случаите што произлегуваа од т.н. „бомби“, односно незаконското прислушување и сомнежите за висока политичка корупција.

За разлика од романската ДНА, која беше создадена како трајна антикорупциска институција, СЈО од самиот почеток имаше ограничен и специјален мандат. Во првите години од работењето, СЈО отвори повеќе истраги против високи функционери и создаде очекување кај дел од јавноста дека Македонија конечно ќе добие институција што ќе може да се справи со политичката корупција. Но, скандалот со аферата „Рекет“ со кој поранешната специјална обвинителка Катица Јанева беше обвинета и осудена, сериозно ја наруши довербата во институцијата и практично го означи крајот на СЈО, чии предмети подоцна беа префрлени во редовното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Аналитичарите често оценуваа дека СЈО можело да прерасне во институција слична на ДНА, но политичката поларизација, ограничениот мандат, слабата институционална поставеност и аферата „Рекет“ ја спречија таа трансформација.

Потребна е анализа на состојбата

Дали Македонија има капацитет за институција по моделот на романската Национална антикорупциска дирекција ДНА? Во однос на ова прашање, Снежана Камиловска-Трповска од Меѓународниот центар за меѓународна соработка (МЦМС) вели дека неопходна е претходна анализа на состојбата, зошто одредени нешта треба да се сменат.

Многу често нашите закони се направени по одредени примери, но како тоа ќе се имплементира и како ќе се реализира, треба да видиме. Ние имаме Државна комисија за спречување на корупцијата и се покажува дека институција во таков формат може да функционира во нашето подрачје. Треба да се види што точно СДСМ предлага и дали нашиот правен систем поддржува такво тело. Носење на суштински закони од делот на спречување корупција е процес што треба да биде широко консултиран и инклузивен, да не се носи зад затворени врати. Потребно е експертската јавност да го разгледа и да даде инпут за самите предлози. Ова не е предлог што доаѓа од Владата или ресорното министерство и треба да се види како би изгледал тој процес и што би претставувал – вели Камиловска-Трповска.

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да почне од себе

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на лидерот на СДСМ, „додека сонува со отворени очи власт во Македонија, да почне од самиот себе, да ги повика Заев и останатите да ги вратат украдените пари и да одговараат пред правдата“.

– Ако навистина Филипче е загрижен за државата и граѓаните како што глуми, не мора да чека некој да го донесе на власт, зошто граѓаните секако нема да го гласаат на избори. Нека ги повика поранешните владини функционери од СДС кои ја опљачкаа државата и ги осиромашија граѓаните, на чело со Зоран Заев, да ги вратат украдени пари и да се предадат на органите на прогонот. Исто така, Филипче не мора со отворени очи да сонува да дојде на власт за да го донесе таканаречениот нивен закон за нулта толеранција на корупција и не мора да го чека европското обвинителство, прво нека ги повика штетниците во обвинителството како Ислам Абази и Катерина Коларевиќ да ја ослободат институцијата од каде што ги штитат токму криминалците на СДС и ДУИ, нешто што е многу очигледно по стопирањето на постапката за случајот „Мазут“ за сторен криминал тежок 167 милиони евра – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот