Филипче ќе го менува потпретседателот на СДСМ Илиевски, баш пред изборите заминал во странство
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, неодамна го претстави новиот потпретседател на опозициската партија, Александар Трајановски и тој доаѓа на местото на Ана Чупеска, која поднесе оставка помеѓу двата изборни круга. Но, како што пишува „Фокус“, повикувајќи се на партиски извори, ова нема да биде и последната промена во највисокото раководство на СДСМ, бидејќи се подготвува разрешување на Методија Илиевски – уште еден од четворицата потпретседатели на партијата назначени откако на нејзино чело дојде Филипче.
Препорачано
Според изворите од партијата, Филипче оценил дека Илиевски не бил доволно одговорен за да продолжи да ја врши потпретседателската функција бидејќи, меѓу другото, заминал во странство непосредно пред локалните избори.
–Неприфатливо е било кој одговорен член, а камоли потпретседател да замине во странство, независно од причините, додека трае изборен процес и особено во пресрет на изборниот ден – вели за „Фокус“ висок партиски функционер.
Најавениот потег ќе ги заокружи кадровските промени, па СДСМ отсега ќе има тројца наместо четворица потпретседатели. На потпретседателските функции во партијата остануваат Кристина Костова и Каја Шукова, и покрај дебалкот на Шукова како кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Скопје, која не успеа да влезе ниту во вториот изборен круг. Заменик-претседателка на СДСМ и натаму ќе биде Фани Каранфилова-Пановска, а генерален секретар – Александар Саша Димитриевиќ.


