Арбен Фетаи, Христијан Мицкоски Фото: Фејсбук Фетаи

Фетаи се одјавил од Владата, може да се „пријави“ од Брисел

Јавноста исто така не разбра дали Фетаи веќе си поднел оставка од функцијата или, пак, премиерот ќе го разреши при реконструкцијата, а дотогаш тој ќе биде на платен список на Владата. На овие прашања на „Слободен печат“ од Владата повторија дека Владата функционира непречено и во полн капацитет.

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи иако еден месец не доаѓа на работа и заминал кај семејството во Брисел, потврда за тоа од премиерот Христијан Мицкоски јавноста официјално доби вчера. Владата, пак, и натаму молчи дали Фетаи ќе земе плата иако не одел на работа, ниту дали вицепремиерското столче и неговите работни обврски ќе чекаат до реконструкцијата на Владата, најавена од премиерот за крајот на мај или за почетокот на јуни.

Јавноста исто така не разбра дали Фетаи веќе си поднел оставка од функцијата или, пак, премиерот ќе го разреши при реконструкцијата, а дотогаш тој ќе биде на платен список на Владата.
На овие прашања на „Слободен печат“ од Владата повторија дека Владата функционира непречено и во полн капацитет.

– Во врска со вашето прашање ве информираме дека – да, точно е дека премиерот кажа во иднина Фетаи не се гледа во составот на оваа Влада. Како колективно тело, Владата функционира непречено и во полн капацитет. А што се однесува на прашањата што се однесуваат на работниот ангажман, ве упатуваме директно да ги адресирате до Арбен Фетаи – велат од Владата.

Ни Фетаи не одговара на телефонските повици и пораки.
„Слободен печат“ пишуваше дека Фетаи еден месец не оди на владини седници и дека за тоа го известил премиерот. Мицкоски потврди дека во разговорот што го имал со Фетаи пред неколку недели, тој го информирал дека планира да се врати во Брисел, каде што има и претходно професионално искуство.

– Рече дека ќе се врати во Брисел имајќи го предвид неговото образование и искуство во институциите во Брисел. Мислам дека би било добра можност да биде некаков специјален пратеник во рамките на Европскиот парламент, на бриселската администрација. Сè уште размислувам за тие околности. Ми кажа дека во иднина планира да се врати во Брисел, да го продолжи својот професионален живот и да се стави на располагање доколку може да помогне. Се сложивме дека неговото искуство, образование и работа таму, Владата и државата треба да ги искористи – рече Мицкоски во гостување на „Сител“.

Фетаи не само што се одјавил од Владата, се „одјавил“ и од социјалните мрежи. Неговата последна објава на Фејсбук е на 17 март со реакција до една телевизија, додека последна објава со активност од Владата е на 18 февруари.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот