Стојан Димов, Александра Коцевска и Глигор Гелебешев / колаж

Фестивалот „Златна лира“ ќе заврши со доделување награди и концерт на пијанистот Глигор Гелебешев

Фестивалот „Златна лира“, во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), ќе заврши со доделување на традиционалната награда „Златна лира“ на СМУМ и со концерт на пијанистот Глигор Гелебешев. Свеченото затворање на „Златна лира 2025“ ќе се одржи на 30 октомври, во 20 часот, во Музејот на македонската борба во Скопје.

Добитници на наградата „Златна лира“ годинава се Стојан Димов – кларинетист, за животно дело, и Александра Коцевска – мецосопран, за врвни достигнувања во 2024 година.

Стојан Димов е истакнат македонски кларинетист и еден од највлијателните интерпретатори и педагози на својот инструмент во земјата. Основното образование го завршил во Велес, а средното во Скопје. Од 1975 до 1981 година студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Иван Кочаров, а своето усовршување го продолжил на Музичката академија во Загреб, во класата на проф. Јосип Нохта. Во 1993 година магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Во периодот од 1980 до 1995 година работел како соло-кларинетист во Македонската филхармонија, а истовремено бил член на Биг-бендот при Македонската радио-телевизија. По 2002 година станал постојан член на оркестарот на Горан Бреговиќ, со кој настапува на најголемите светски сцени.

Александра Коцевска талентот за музика и пеење го покажува уште од најрана возраст, како еден од најмладите членови на детскиот хор „Развигорче“ под водство на маестро Запро Запров. Средното музичко образование го започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата по соло пеење на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, каде што учествува на бројни државни натпревари и постигнува значајни резултати. Особено се издвојува освојувањето на втората награда на меѓудржавниот натпревар во просторите на поранешна Југославија.

Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Благојче Николовски. За време на студиите активно настапува и учествува на натпревари по соло пеење во земјата и странство, каде што е повеќепати наградувана со високи признанија. По дипломирањето се вработува во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, каде што се смета за основоположник на класата по соло пеење.

Во 2002 година магистрира на ФМУ–Скопје, повторно во класата на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, а во 2006 година ја продолжува својата педагошка кариера во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје. Како педагог бележи исклучителни резултати со своите ученици на бројни државни и меѓународни натпревари, а нејзините ученици често се добитници на високи награди и признанија.

Во уметничкиот дел на програмата ќе настапи пијанистот Глигор Гелебешев, со рецитал на дела од Скрјабин и Рахмањинов. Влезот на концертот е слободен.

Глигор Гелебешев (Гевгелија, 1969) се истакнува со јасно оформен пијанистички израз изграден низ долгогодишна солистичка и камерна дејност, како и со континуирана педагошка посветеност. Музичкото образование го започнува во родниот град, а го продолжува во Скопје, каде ги завршува основното и средното музичко училиште. Студира пијано на Академијата за уметности во Нови Сад, во класата на професор Јокут Михаиловиќ, а магистрира во 1997 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во неговото музицирање се спојуваат дисциплина, јасност и суптилна емоционалност, создавајќи пијанистички израз што го потврдува Глигор Гелебешев како еден од столбовите на современата македонска пијанистичка уметност.

Фестивалот „Златна лира“ претставува еден од најзначајните настани во домашниот музички живот – традиционален простор за средба на македонски и странски уметници, за промоција на врвни интерпретации и за потврда на уметничките вредности што го градат идентитетот на македонската музичка сцена. Во континуитет од речиси две децении, фестивалот ја одразува посветеноста на СМУМ кон поддршката на професионалните музичари и развојот на нивната креативност и уметнички израз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот