Фестивалот „Преку езерото“ отвори филмски перспективи што ги рушат стереотипите
Четвртото издание на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ се одржа од 7 до 12 август во Дојран и претстави повеќе возбудливи филмски остварувања со оригинални и моќни приказни.
Препорачано
Наградата за најдобар медитерански филм на фестивалот „Преку езерото“ ја доби филмот „Млади палави девојки“ на режисерката Уршка Ѓукиќ. За фестивалските награди одлучуваше жири во состав: Христос Пасалис, Теодосија Добријанова и Игор Анѓелков.
– Гледавме неколку прекрасни, возбудливи, итни филмови, многу различни еден од друг, од различни држави, секој со своја естетика и предмет на интересирање. Погледнавме филмови кои ги отсликуваат некои од најитните прашања со кои денес се соочуваат Балканот и Медитеранот. Го видовме регионот како рута, но и како последна станица. Како дом и како ладен, индиферентен домаќин. Филмовите заедно создаваат палета од човечки искуства кои нам сега ни изгледаат барем малку поблиску. Гледајќи ги овие филмови заедно со вас беше привилегија, а да се биде дел од жирито – тоа беше задоволство, но и одговорност која не ја издржавме лесно – рече Христос Пасалис, претседател на жирито, на церемонијата на доделување на наградите.

Филмот „Млади палави девојки“ на Уршка Ѓукиќ ја доби главната награда за автентичното прикажување на моминското детство и тинејџерската сексуалност. Станува збор за длабоко и лежерно, сензуално деби кое отворено зборува за копнежот по оваа, речиси, неистражена територија помеѓу детството и животот на возрасните.
Наградата за најдобар краток филм ја добија два филма со оригинални и моќно раскажани приказни: „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау и „Бланш“ од Јоана Ракотариса. Наградата за најдобра музика ја доби „Било каде, било кога“ од Милад Тангшир, за филм кој ја користи музиката не како позадина или атмосфера, туку како лик во наративот. Наградата за најдобра актерка ја доби Фереште Хосеини за нејзиното фасцинантно толкување на модерната Антигона. Делејќи го истото име со својот протагонист, Хосеини отелотворува млада жена сместена во незамисливи услови, која одбива да биде сведена на стереотипи и очекувања за тоа како треба да се однесува еден бегалец, сопруга или жена, и инсистира за првпат во својот живот да биде сослушана. Наградата за најдобар актер му припадна на Акилас Каразисис за улогата на Такис во филмот „Месо“, кој со прецизност, внатрешна длабочина и избегнување на клишеа, оживува лик полн со противречности, балансирајќи со финеса помеѓу внатрешните и надворешните сили што го притискаат.
Наградата за најдобар режисер ја доби Уршка Ѓукиќ за филмот „Млади палави девојки“, за креативниот процес на откривање на самиот живот, храбриот пристап кон разбирањето на сложеноста на младоста преку автентично раскажување кое ги комбинира желбата, сексуалноста и верата на динамичен и оригинален начин, а режисерката успева да каже многу со малку: нежни гестови, суптилни погледи кои изгледаат ситни, но значат сè, фина рамнотежа помеѓу хуморот и копнежот, разочарувањето и надежта.
Студентското жири донесе одлука наградата „Најдобра медитеранска приказна“ да му ја додели на филмот „Било каде, било кога“ на Милад Тангшир, бидејќи овој филм покажува како безвременските теми можат моќно да се преосмислат во убедлива приказна што зборува за денешната општествена реалност подигајќи ја свеста за борбите на имигрантите и нуди свежа перспектива која ги руши стереотипите.

По доделувањето на наградите, менторите на работилницата за развој на дипломски и дебитантски краток филм, Александар Русјаков и Дејан Милошевски, и директорот на фестивалот „Преку езерото“, проф. д-р Јани Бојаџи, ги соопштија добитниците на грантови за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 294, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.8.2025)


