Фестивал на филмската камера: „Раката на Господ“ на 19 август го отвора „Браќа Манаки“

Главната програма на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се прикажува во Домот на култура, киното „Манаки“ е наменето за документарната и студентската програма, а летната тераса на Офицерскиот дом ќе биде отворена за „Мак корнер програмата“.

Селекторите на филмската програма на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ ги соопштија насловите на сите филмови што ќе бидат во натпреварувачката конкуренција, додека директорот Симеон Мони Дамевски ги најави новитетите на Фестивалот на филмската камера, што од 19 до 26 август ќе се одржи во Битола.

– Годинава, на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе има филмски остварувања од најголемите светски фестивали, многу забави и коктели, но и врвни ѕвезди и гости студенти од најдобрите академии во Европа, најави директорот на фестивалот Мони Дамевски, додавајќи: „Годинава ќе го имаме Ентони Дод Ментел, директор на фотографија и кинематографер, како што биле браќата Манаки. Соработувал со одлични режисери, номиниран за Оскар, и тој е првиот што добил Оскар зашто снимил филм со дигитална камера. Тоа е нашиот лауреат за животно дело. Чекаме да ни го потврди своето доаѓање и кинематограферот на „Гладијатор“, на „Икс-мен“, Џон Метисон. Годинава имаме диџеј од Берлин, по три журки ќе има во Битола секоја вечер. На три локации ќе се одвива фестивалот, во Домот на култура, таму имаме најмногу седишта, втората локација е киното „Манаки“, каде што ќе се одвива документарната и студентската програма, како и Офицерскиот дом, на летната тераса што ќе биде отворена за „Мак корнер програмата“. Секоја вечер ќе има по неколку филмови – рече Дамевски, додека селекторот на главната програма Слаѓан Пенев ги соопшти своите фаворити од главната програма.

Втората прес-конференција за 43. ИФФК „Браќа Манаки“ се одржа во Скопје / Фотографија: Илија Павлов

Филмови селектирани во програмата „Камера 300“ се „Триаголник на тагата“ (2022) во режија на Рубен Ослунд, „Алкарас“ (2022) на Карла Симон, „Вози ја мојата кола“ (2021) на Рјусуке Хамагучи, полско-италијанскиот филм „Ео“ (2022) во режија на Јержи Сколимовски, „Божјата рака“ (2021) на Паоло Сорентино, „Мајка и син“ (2022) на Леонор Сераије, „Римини“ (2022) на Улрих Зајдл, „Снежана на крајот умира“ (2022) македонско-кипарски филм во режија на Кристијан Ристески, македонско-хрватско-црногорската копродукција „Мими“ (2022) во режија на Даријан Пејовски, српско-хрватско-црногорско-словенечко-македонската копродукција „Од рајот“ (2021) на Срѓан Драгојевиќ, „Чичко“ (2022), хрватско-српски филм, во режија на Давид Капац и Андрија Мардешиќ, „Осум планини“ (2022) на Феликс ван Гронинген и Шарлот Вандермерш, како и „Блиску“ (2022) на Лукас Донт.

Од селекцијата на кратки филмови, Марија Апчевска ги издвои: „Деновите без“, „Суштество“, „Варшава“, „Последниот траект од островот Грас“, „Цреши“, „Мемоарот на непредвидливата бура“, „Ластиче за коса, јајце, домашна работа, „Труби на небото“, „И покрај сѐ“, „Само ѓаволот се плаши од вода“, „Ноќна светлина“ и „Баскет“.

Овогодишното жири го сочинуваат четири врвни имиња, меѓу кои еден од кинематограферите што работеа на „Медена земја“, филмската критичарка, проф. Маја Богоевиќ, Јелена Станковиќ од филмот „As far as you go“ и познатата турска актерка Мариса Созен.

Ѓорѓи Пулевски истакна дека во селекцијата на студентски филмови има еден македонски филм од ФДУ Скопје, како и филмови од Словенија, Грција, Косово и Хрватска, и од реномирани филмски академии во Англија, Виена, Прага, Минхен.

Тоше Ивановски, одговорен за оф-програмата, што е локална придружна програма на иницијатива на Општина Битола, најави изложби од колекционери што ја раскажуваат фото и филмската историја на Битола, музички настани во духот на филмската музика, танци и анимации, како и манифестацијата „Живи слики“ од архивите на Манаки.

Инаку, фестивалот е поместен еден ден порано од претходно најавеното за да не се поклопува со затворањето на „Охридско лето“, подвлече Дамевски.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 12 август 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот