Фестивал на европската литература: Букстар-20 против ковид-19

Промоцијата на книгата со фотографии од изложбата „Таму“ на филмскиот режисер Милчо Манчевски, која е објавена во издание на „Антолог“, го означи почетокот на шестото издание на Фестивалот на европската литература „Букстар“.

Фестивалот на европската литература „Букстар“ (Книжевни ѕвезди) оваа година излегува од стандардната рамка на гостувања на автори и книжевни промоции и во текот на октомври ќе се обиде на литературата и на уметноста да им даде нова димензија и начин на перципирање.

Како што најавуваат организаторите, целата криза со пандемијата на коронавирусот и изостанувањето на поддршката од страна на институциите, не може да ја спречат идејата Фестивалот да постои и да опстои, борејќи се со сите предрасуди и промовирајќи квалитетна содржина за сите што сакаат добра книжевност. Фестивалот е од социјално ангажиран карактер и негова цел е да разбранува интерес кај пошироката јавност, нудејќи тематики што помагаат полесно да се разберат проблемите со кои се соочува општеството денес. Токму затоа мото на фестивалот е „Букстар-20 против ковид-19“.

– Импозантни се и бројот и еминентноста на писателите што гостуваа на „Букстар“ во минатите пет години. Овој фестивал е лична севда и визија уште од студентските денови, пред петнаесетина години. За жал, или за среќа, успеа да стане стварност во 2015 година, а минатата година на првиот јубилеј направивме фестивал што долго ќе се памети и ќе се прераскажува. Единствен логичен исход од сето ова беше дека годинава ќе ја добиеме целосната доверба и поддршка од државните институции. Наместо тоа, бевме цензурирани.

Во време на пекање по европски вредности, беше сторен обид за убиство на првиот фестивал на европска литература. Додека гледавме како приватни „журки“ или настани со нула реноме меѓу публиката добиваат десетици илјади евра од државната каса, брендот на „Букстар“ беше намерно заобиколен во листата на проекти и манифестации од национален интерес. За жал, одговорните не ја поправија својата грешка понатаму и не ја прифатија нашата жалба и со тоа направија уште поголемо злосторство кон европската и кон македонската литература, но и кон угледот на самото Министерство.

Како и да е, нашата издавачка куќа, како и секогаш претходно, со сопствени ресурси ќе најде начин и годинава Фестивалот да опстои, а тоа ќе биде низ една зачестена промотивна активност во текот на октомври, месецот на „Букстар“ – изјави Жарко Кујунџиски, главен уредник на „Антолог“ и директор на „Букстар“.

Првиот настан на „Букстар 2020“ беше изложбата на фотографии „Таму“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски во Музејот на современата уметност, која беше проследена со промоција на книгата со фотографии од изложбата. Во книгата и изложбата се избрани 88 колор фотографии, создавани во период од десет години.

Следен настан на фестивалот беше промоцијата на книгата „Шардоне и шпагети карбонара“ од младата македонска авторка Марта Димитров, на 5 октомври во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, додека на 7 октомври ќе се одржи онлајн разговор со шведската писателка и новинарка Софија Лундберј, авторка на „Црвениот адресар“ и на „Прашалникот е половина срце“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 51, во печатеното издание на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот