Фестивал „Литера 2020“: Најмладите ќе ги истражуваат ремек-делата на Димитар Кондовски

Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од 14 до 19 октомври ќе го организира второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Во рамките на фестивалската програма ќе биде отворена изложба на илустрации на доајенот на македонското сликарство Димитар Кондовски (1927-1993). Изложбата ќе биде отворена на 14 октомври во Национална галерија на РСМ во објектот „Мала станица“, а ќе биде организирана според протоколите за заштита од ковид-19. За време на настанот ќе бидат организирани повеќе работилници на кои деца на различна возраст ќе имаат можност да се едуцираат, да ги запознаат и да ги истражуваат ремек-делата на Кондовски.

– Културата е еден од најзначајните елементи за развој на здраво општество. Таа мора да постои и да функционира во сите прилагодливи форми. Во моментов, светот се соочува со многу предизвици, но сметам дека токму уметноста е таа што може да ни помогне да ги надминеме емоционалните аспекти на кризата. Искрено, се обидуваме да поттикнеме развој на квалитетна литература за деца, и од визуелен и од содржински аспект, бидејќи децата од мали нозе треба да научат што е вистинска уметност и како да ја препознаат – истакнува Софија Семенпеева, директорка на „Ефектива“.

Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, истакнува дека ѝ претставува особено задоволство што оваа институција ќе биде домаќин на Фестивалот, особено во однос на изложбата на еден сегмент од творештвото на великанот Димитар Кондовски, што е посветен на најмладите.

Во својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на ФЛУ, Кондовски е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 60-тите години на минатиот век, а изложбата на илустрации е соодветен вовед кон ретроспективната изложба на Кондовски што ја подготвува Националната галерија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 52, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-12 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот