Факултетот за земјоделство дал мислење за никотинските кесички, па се водат како општ производ, од Економија децидни: Мора да се регистрираат кај нас

По објавената сторија на „Слободен печат“ за никотинските кесички наречени „снус“ кои тинејџерите во земјава масовно ги употребуваат, а за дел од кои Министерството за економија тврди дека се нерегистрирани во нивните задолжителни регистри, со реакција се јави увозникот НОВА Груп ДОО преку претставникот Огнен Ќупев.
Тој смета дека дошло до забуна меѓу фирмата и Министерството за економија. Тврди дека производот не е „снус“ затоа што не содржи тутун, иако изгледа идентично на „снус“ а за тоа имаат мислење од Факултетот за земјоделие. Според него, бидејќи производот не содржел тутун, не спаѓа ни во тутунски производ, па не му ни треба дозвола од Министерството за економија.
Ќупев посочи дека фирмата има легален увоз, дека производот не е наменет за деца, дека на него е наведено дека е за лица над 18 години.
„Шведска е прва земја во светот што го произведува каде 95 проценти се со никотински вреќички, а 5 проценти пушачи. Овој производ не е тутунски производ. Има царинска тарифа која не подлежи под тутунски производ и се води како општ производ. Нема потреба да имам дозвола од Министерство за економија, ние не сме ни трговци со тутун. Грешката е настаната во тоа што ова не е „снус“. Снус изгледа идентично како производот што сте го купиле, во него има тутун. Во нашите никотински вреќички нема тутун туку растителни влакна. Овој производ нема акциза, нема катран“, посочи Ќупев.
Од Министерството за економија остануваат на своето тврдење дека производот мора да добие решение од Министерство за упис во регистрите. Доколку не е упишан во регистарот не смее да ги пушта во промет во државата.
Во член 3 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи прецизно се наведени овие категории: „производи од тутун се производите подготвени од тутун за пушење, тутун за џвакање, тутун за шмркање и несогорлив тутун, а сродни производи се производи кои се поврзани со производите од тутун, со електронските цигари, контејнерите за многукратно полнење, течностите што содржат никотин и производите слични на производите од тутун, а кои се изработени од растителни (билни) материјали.“