Европските градови, короната и нашата „блесава“ опозиција

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Наместо да се создаде кворум во Собранието, да поминат тие закони што ќе помогнат парите да се слеат до граѓаните и стопанството, нашите „генијалци“ блокираат. И уште кога ги слушам како велат – „нам, граѓаните ни се најважни“, ти доаѓа да… Лошо ти доаѓа, мајсторе, многу лошо! И срам те фаќа, не свој, ами туѓ.

Кога корона вирусот минатата година експлодира во Европа, видно се промени таканаречениот „градски живот“. Сите оние граѓани што работеа, канцелариите и претпријатијата ги заменија со работните соби во своите домови. Угостителскиот сектор беше затворен, а милиони луѓе мораа да се приспособуваат на сосема нови навики.

Ослободени од притисокот секој ден да патуваат до работа, жителите на европските градови тргнаа во егзодус. Некои се обидуваа да го избегнат вирусот, другите се „трпаа“ во своите скапи станови, а некои трети се обидуваа да се поврзат со природата. Да се надоврзам уште на овој важен податок – странскиот печат вели дека од Берлин, најголемиот германски град, во текот на пандемијата се иселиле 10 проценти од жителите.

Други анализи го поставуваат прашањето дали – по една година, со нови рестрикции и локдауни кои се наsираат – „корона-мигрантите“ ќе се вратат во своите градови кога вирусот ќе се потсмири? За оние што ги планираат градовите, архитектите и стручњаците за урбанизам, ова претставува обид за фаќање во коштец со проблемите што долго време ги уништуваа градовите: достапност на станови, безбеден транспорт, пристап до зелените површини – приоритети што пандемијата ги вивна како најважни.

Најшироко кажано, градовите ќе мора да ги задоволат новите потреби на своите жители. Многу европски градови направија „новотарии“ за своите граѓани: опции за подобар превоз, велосипедски патеки, раширени зелени површини. Милано, еден од градовите што во почетокот претрпе жесток удар од вирусот, проектира нови велосипедски патеки од триесет километри, како и нови паркинг-места за машините со две тркала. Лондончаните го придвижија проектот „Стритспејс“, така што создадоа привремени и проширени пешачки зони, само за да може луѓето да ги избегнат задушливите и опасни автобуси и подземната железница. Во Париз и во Барселона преземени се слични мерки. Но, доста со Европа, да се вратиме на „вистинската“ возбуда.

Блокади, блокади…

Имено, во нашата држава го имаме петтиот пакет економски мерки во износ од 150 милиони евра што е наменет за разни сектори погодени од коронавирусот. И секогаш, барем кога станува збор за таа идиотска опозиција, нивното делување е бојкот и блокада. Значи, парите се обезбедени, ама не можат да се пуштат во оптек бидејќи Алијанса-Алтернатива блокира, блокира ВМРО-ДПМНЕ, блокира Левица… Наместо да се создаде кворум во Собранието, да поминат тие закони кои ќе помогнат парите да се слеат до граѓаните и стопанството, нашите „генијалци“ блокираат. И уште кога ги слушам како велат – „нам, граѓаните ни се најважни“, ти доаѓа да… Лошо ти доаѓа, мајсторе, многу лошо! И срам те фаќа, не свој, ами туѓ.

Друга возбудлива тема кај нас е „Орце Камчев“, таканаречената „мајка на сите случаи“. Не е важен неговиот персоналитет, туку е важно што Камчев О. симболизира и претставува. Симболизира и претставува криминал и корупција, претставува и дел од еден минат авторитарен режим низ кој можеше да си ја гради својата Империја (големата буква „И“ не е случајна). Во земја која е една од најсиромашните држави во Европа, ние го имаме најбогатиот или еден од најбогатите луѓе на Балканот. Но, сепак, уште поважно е тоа дека правдата можеби е бавна, ама е сепак достижна. Сашо Мијалков и Орце Камчев се на заслужено отсуство, а тоа, да бидеме искрени, никогаш не се случило во историјата од нашата независност. Не велам дека не се случиле затвори, туку никогаш не се случиле такви профили луѓе да бидат осудени. Дури, ако добро го исчитувам премиерот Заев, ќе бидат гонети и оние кои денес конституираат власт во државата.

Последната и „вечна“ тема кај нас е приказната со фамозниот попис. Каде се бојкотирачите погоре во текстот, еве ги повторно подолу. Не може да пројде ништо без нив, дури и кога човек свесно сака да не ги „попишува“ во својот текст. Ќе речете, што сега прават бојкотирачите со пописот? Па, бојкотираат! Зошто бојкотираат? Тешко ми е да проникнам во нивните „метафизички“ глави, ама веројатно очекуваат нешто за себе, веројатно така мали Ѓокица замислува политика, кој ќе ги знае.

Беспомошна опозиција

Имено, пописот е сериозна статистичка операција, а со тоа и државничка одговорност на граѓаните. Треба да се управува и да се креираат успешни развојни политики. Велат, поради пандемијата треба да се оддолжи во некое идно време пописот, а сите укажувања на „Евростат“ велат дека попишувањето во најголем дел ќе се прави без физички контакт благодарение на дигитализацијата. И пописот е важен затоа што ние повеќе од 19 години немаме попис во државата.

Не може, драги пријатели, на македонската опозиција никој да и помогне. За да може некој да помогне, треба да се знае што се бара во политика, за која идеја се бориш, кои се твоите цели, а тамо не гледам никаква политика, уште помалку гледам идеи. Да се мава на Заев, рековме во минатите текстови, не е идеја, тоа е намера. Да се смени Заев, тоа бара етапи. А етапите се стратегии за кои опозицијата појма нема. Таа мисли дека е доволно секое политичко и законско решение да го блокира и така, мисли опозицијата, ќе го руши Заев.

За да го победат Заев, прво мора да имаат програма и јасна цел. И да сакаат да се натпреваруваат на избори. Па, знаете, корона е! Знаеме, да – и? Утре може цунами да дојде, задутре може саксија на глава да ни падне, ако ме разбирате што сакам да кажам. На опозицијата ни Бог не може да ѝ помогне. Тоа е едно несериозно друштво, кое многу малку има појма што се случува и како се води политика. Какви се, Заев ќе владее уште „баеги подолго“.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот