Европскиот парламент го укина имунитетот на осуден поранешен член на неонацистичката Златна зора
Европскиот парламент го укина имунитетот на грчкиот пратеник Јоанис Лагос, поранешен член на неонацистичката партија Златна зора, кој беше осуден во Атина на 13 години и осум месеци затвор за „управување со криминална организација”, соопштено е денеска во Брисел.
Препорачано
Одлуката е донесена синоќа со големо мнозинство гласови, 658 пратеници гласаа за укинување на имунитетот на тајно гласање, 25 беа против, а 10 беа воздржани.
Постапката е покрената на барање на грчките власти, кои мораат да издадат европска потерница за Јоанис Лагос. Овој 48-годишник е меѓу 40-те членови на Златна зора кои беа осудени во октомври по пет и пол години маратонско судење.
Лагос, како и целото раководство на Златна зора, беше во притвор по убиството на антифашистички активист во Атина во септември 2013 година. Тој беше пуштен на условна слобода 18 месеци подоцна, додека го чекаше судењето.
Лагос имаше пратенички имунитет од јули 2019 година, кога беше избран во Европскиот парламент за претставник на Златна зора, која ја напушти неколку месеци подоцна.
Лидерот на Златна зора, Никос Михалолиакос и повеќето осудени се во затвор, но вториот човек на организацијата, Христос Папас, сè уште е во бегство.


