Европски вредности „поткиселени“ во Благоевград

Македонскиот клуб во Благоевград, уште неотворен, беше вандализиран на почетокот на октомври / Фото: НовАсном

Името на Вапцаров никако не може да биде провокација, затоа што е македонски патриот и поет што пишува на бугарски јазик, затоа е погодна личност за зближување на двата народа, велат од ОМО „Илинден Пирин“.

Забраната за отворање македонски клуб во Бугарија е спротивна на европските вредности, едногласни се аналитичарите, кои предупредуваат дека Македонија не обезбедила реципроцитет во односите со источниот сосед. Тоа се манифестира деновиве, откако Советот на Општина Благоевград со декларација го забрани отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“, со образложение дека Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации и со порака дека таму македонистите не се добредојдени. Во Македонија, пак, во април беше отворен бугарски клуб со контроверзно име „Иван Михајлов“ во Битола, а минатата недела клуб „Цар Борис“ во Охрид.

Кржаловски: Владата не обезбеди реципроцитет

Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, воопшто не е во ред тоа што го прави Софија во врска со регистрацијата на здруженија на граѓани со македонско етничко потекло, но не е убеден дека и Скопје треба да возврати со забрана.

– Тоа е против основните европски вредности, патем, запишани во член 2 од Договорот за Европската Унија, а на кои се повикува т.н. француски предлог, а таа спротивност со европските вредности ја има констатирано и Судот за човекови права во Стразбур во повеќе од 10 свои пресуди за конкретни вакви случаи против Бугарија. Е сега, дали и ние тоа да го правиме, е друго прашање. Од една страна, не треба поради сите причини наведени погоре, а од друга страна, ако членка на ЕУ како Бугарија го прави тоа и тоа се толерира од самата ЕУ – тогаш има логика да постапиме слично и ние како држава поради принципот на реципроцитет во меѓународните односи. Ако ништо друго, за да се демонстрира несоодветноста на однесувањето на бугарските власти. Дали тоа ќе се случи со измените на Законот за здруженија и фондации, останува да се види – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Тој не верува дека Владата и премиерот Димитар Ковачевски ќе постапат реципрочно во овој случај.

– Лично, не верувам. Впрочем, тоа требаше тоа да го направат уште при дебатите за „францускиот предлог“ околу измените на Уставот. Требаше или да се побара и Бугарија да ги внесе Македонците во својот Устав, и тоа пред нас, за да ни демонстрира како се прави тоа на европски начин, или и ние да го направиме нашиот Устав граѓански, како што е оправдувањето на Бугарија, односно да не се спомнува ниедна етничка заедница, како што и беше пред 2001 година и пред Охридскиот рамковен договор – вели Кржаловски.

Здружението „Никола Вапцаров“ треба да се отвори на 30 октомври, а здруженијата на Македонците во Бугарија најавија дека на отворањето ќе ја поканат македонската влада и премиерот Ковачевски, иако Владата досега воопшто не контактирала со нив во врска со клубот „Никола Вапцаров“.

Од Владата, пак, втор ден не одговараат на прашањата на „Слободен печат“ за тоа како ја коментираат забраната на Општина Благоевград, дали ќе реагираат, како ќе обезбедат реципроцитет и дали ќе одат во Благоевград на отворањето на клубот.

ОМО „Илинден Пирин“: Благоевград се посрамоти

Од ОМО „Илинден Пирин“ вчера соопштија дека името на Вапцаров никако не може да биде провокација и напоменуваат дека неколкумина од советниците во Благоевград што гласале против отворање на клубот се скриени Македонци.

– Ако нешто несомнено стана јасно од декларацијата на Советот на Општина Благоевград е дека во него има најмалку четворица достојни советници: Милена Бунцева, Мехмед Ваклиев, Исмет Узунов, Љубомира Хамбарџијска. Ова се оние што се воздржаа од срамната декларација, беа отсутни, можеби не сакаа да учествуваат во овој националистички циркус. Но, 29-мина се понижиле себеси и Благоевград, гласајќи „за“. А уште посрамно е што тоа го направија мотивирани „како Бугари“, со што го понижуваа бугарскиот народ. Некои од нив се тајно Македонци. Многумина имаат такви родители, или баби и дедовци. Другите, ако не се „придојденци“ дојдени надвор од Пиринска Македонија, имаат и македонски роднини или пријатели. Знаат дека во Бугарија има Македонци и македонско малцинство – реагираат од партијата ОМО „Илинден Пирин“.

Оттаму додаваат дека македонската нација постоела многу пред 1944 година, а истото важи и за оној дел од македонскиот народ кој живее како малцинство во границите на Бугарија.

– Еден од нив беше Никола Вапцаров, чија македонска самосвест е многу добро документирана во неговото пишано наследство. Како македонски патриот и како поет што пишува на бугарски јазик, тој е погодна личност за зближување на двата соседни народи. Вистината не е „навреда“, освен ако не сте лажго. Колку жално ве „навредува“ вистината, и тоа „како Бугари“. Отворањето културен клуб во име на културна личност не е провокација. Сепак, вашата реакција е – велат од ОМО „Илинден Пирин“.

Претседателот на партијата Стојко Стојко изјави дека е неразбирливо како Општина Благоевград носи одлука за забрана на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ без да ги информира основачите.

– Наместо да ги информираат основачите од Македонското меѓународно движење за човекови права, општинарите на Благоевград шират вести низ медиумите. Така, Македонците во Бугарија преку македонските медиуми дознаваа дека Општина Благоевград е против клубот и против „македонизмот“. Луѓе во општината кои ако самите не се Македонци, тогаш секако имаат роднини и пријатели со македонски идентитет и самосвест, од страв или злоба излегуваат со такви апсурдни ставови против еден културен клуб. За нив е  провокација клуб што носи обединувачко и смирувачко име на голем поет. За Бугарија провокација е вистината дека во неа живее и македонски народ. Жална работа – напиша Стојков.

МНР со нота за говорот на европратеникот Ангел Џамбаски

Министерството за надворешни работи преку својата амбасада во Софија упати вербална нота со која изрази крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и копретседател на политичката партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски.

„Џамбаски во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон РС Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници. Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на РС Македонија и нејзините граѓани, г. Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство меѓу двете земји. Соодветно на Договорот, по ова известување, очекуваме државното раководство, Владата и МНР на Бугарија да го осуди и да се огради од изјавите на Џамбаски“, соопшти МНР.

Истовремено, се додава, МНР, би ги ценела евентуалните активности преземени од надлежните институции на Бугарија за преземање мерки за превенција на вакви и слични однесувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот