Американски бомбардери/ Фото APFootage / Alamy / Alamy / Profimedia

Европа го затвора небото за американските воени авиони?

И Франција официјално им се приклучи на Шпанија и Италија во забраната за престој и прелет на американски борбени авиони на пат кон Блискиот Исток, јавуваат новинските агенции.

Според извештаите, трите европски земји не дозволиле користење на воздушниот простор, а претходно и престој на американски воени авиони на нивна територија кои транзитираат преку Европа со цел изведување борбени операции против Иран. Франција е последната земја која воведе ваква мерка, забранувајќи прелет на авиони натоварени со воена опрема кон Израел.

На ваквиот потег остро реагираше американскиот претседател Доналд Трамп, кој во објава на социјалната мрежа „Truth Social“ ја критикуваше Франција, оценувајќи ја како „многу некорисна“ во контекст на, како што наведе, „иранскиот џелат“, за кој тврди дека бил успешно елиминиран, според „Њузвик“.

„Соединетите Американски Држави ќе го запаметат ова“, напиша Трамп, сигнализирајќи можно дополнително заострување на односите меѓу Вашингтон и дел од европските сојузници.

Претходно Италија одби да дозволи американски воени авиони да слетаат во базата Сигонела на Сицилија. Одлуката се однесува на летови кон Блискиот Исток, објави „Кориере дела Сера“ повикувајќи се на свои извори.

Според информациите, американските бомбардери требало да слетаат во источна Сицилија пред да продолжат кон Блискиот Исток. Како што наведува медиумот Италија ја одбила дозволата бидејќи не било побарано официјално одобрение, ниту имало консултации со италијанското воено раководство, што е задолжително според постојните договори.

Бројот на авиони и точниот момент на одлуката не се прецизирани. Италијанското Министерство за одбрана засега не излезе со официјален став.

Во меѓувреме прва европска земја која забрани користење на воздушниот простор за американските авиони кои транзит минуваат кон Блискиот Исток беше Шпанија.

Официјален Мардид го затвори својот воздушен простор за американски авиони кои учествуваат во нападите врз Иран, што беше чекор понатаму од претходната забрана за користење на воените бази што тие заеднички ги управуваат, изјави неодамна министерката за одбрана Маргарита Роблес.

„Не дозволуваме користење на воени бази или користење на воздушниот простор за дејствија поврзани со војната во Иран“, изјави Роблес пред новинарите во Мадрид.

Шпанија забрани прелети на американски авиони кои учествуваат во војната против Иран

Затворањето на воздушниот простор ги принудува воените авиони на САД да ја заобиколат земјата-членка на НАТО, Шпанија, на пат кон своите цели на Блискиот Исток. Ова не ги вклучува вонредните ситуации, додаде весникот „Ел Паис“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот