Еврокомесарот Тимерманс би можел да ја напушти Европската комисија

Франк Тимерманс / Фото МИА

Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс би можел да ја напушти сегашната функција и да се врати на домашната холандска политички сцена.

Ваквите шанси, како што оценува бриселскиот портал „Политико“, станаа реални откако Партијата на трудот (ПВДА), чиј член е Тимерманс, реши на предвремените парламентрани избори во Холандија, закажни за во ноември, да настапи во коалиција со партијата Зелена левица (ГЛ).

На вчерашните внатрепартиски референдуми, 87,9 отсто од членовите на ПВДА и 91,8 проценти од припадниците на ГЛ се изјаснија за нивни заеднички настап на претстојните избори.

Сега останува двете партии да го изберат нивниот заеднички лидер и веројатен кандидат за премиер, а холандските медиуми наведуваат дека најголеми шанси за тоа има токму Тимерманс, кој ужива углед во неговата партија, но ја има и поддршката на ГЛ, имајќи ја предвид неговата работа на спроведувањето на Европскиот зелен договор од 2019 година.

Холандскиот европратеник од редовите на ПВДА и потпретседател на групата на Социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент, Мохамед Чахим изјави дека доколку Тимерманс се согласи на тоа, тој лично би ја поддржал неговата кандидатура за предводник на блокот на лабуристите и зелените.

– Нам ни требаат прогресивни лидери и во земјите членки, додаде Чахим.

Неговиот сопартиец, европратеникот Тијс Ројтен исто така го поддржува враќањето на Тимерманс на холандската полиитчка сцена.

– Се согласувам дека тој би бил многу добар кандидат, но тој самиот треба да ја донесе таквата одлука, а неа треба да ја потврди и партијата“, рече Ројтен.

Гласините дека Тимерманс би можел да се врати на домашната сцена во Холандија се појавија пред 10-тина дена по распадот на досегашната холандска либерално-демохристијанска коалициска Влада на премиерот Марк Руте.

Тимерманс, кој до изборот за член на Европската комисија во 2014 година беше холандски министер за надворешни работи, одби да ја коментира можноста за враќање на националната политичка сцена.

– Тој не ги коментира случувањата во Холандија, изјавија од Кабинетот на Тимерманс за „Политико“.

По падот на неговата Влада, Руте, кој како лидер на либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) е холандски премиер од 2010 година, распиша предвремени избори за 22 ноември и најави повлекување од политиката.

Според анкетите на јавното мислење, коалицијата на ПВДА и ГЛ би била втора политичка сила по изборите во Холандија, веднаш зад десното популистичко Движење на земјоделците и граѓаните (БББ), а пред ВВД на Руте.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот