„Еуримаж“ со поддршка за филмски проект на режисерката Дина Дума

Дина Дума / Фотографија: Арис Рамос

Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ на 170-та сесија, која беше последна за оваа година, го поддржа филмскиот проект „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума со износ од 350.000 евра.

Станува збор за копродукција помеѓу македонскиот продуцент „Сестри и брат Митевски“, „Ентре Чиен Луп Сцрл“ од Белгија и „Вертиго / Терминал 3“ од Словенија, објаснува Тања Ќурчинска Пепељугоска, национален претставник во „Еуримаж“.

Во ноемвриската сесија од вкупно оценувани 99 проекти, само 29 добија финансиска поддршка од „Еуримаж“.

– Во ваква конкуренција проектот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ беше оценет одлично и рангиран на високо 3-то место на листата во својата група. Коментарите за проектот беа позитивни и оптимистички: „…млада и талентирана режисерка која треба да се поддржи; сценариото е интересно, внесува модерни елементи во една конзервативна заедница на Ромите на Балканот; сериозен продуцентски тим…“ – истакнува Ќурчинска Пепељугоска.

Северна Македонија е членка на „Еуримаж“ од 2003 и оваа јубилејна година ја завршува со поддршка од вкупно 775.000 евра доделени на проектите „Ди Џеј Ахмет“ на Георги Унковски на 168-та сесија, „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169-та сесија и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума на 170-та сесија.

– Очекувам дека за 2-2,5 години ќе имаме можност да ги видиме овие филмови на големото платно, особено поради фактот што странските копродуцентски партнери се обезбедени, а со тоа и финансирањето од нивните национални фондови. Се надевам дека и нашата Агенција за филм ќе стори напор да не се повтори оваа година, во која првите 10 месеци немавме ниту еден снимачки ден и дека нашата продукција ќе биде многу поинтензивна следната година – додава Ќурчинска Пепељугоска.

Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – „Еуримаж“ од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.438 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 710 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот