Фото: EPA/OLIVIER MATTHYS

Голем чекор на Црна Гора кон ЕУ — Брисел почна да го подготвува пристапниот договор за земјата

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија денес го поддржаа формирањето на ад хок работна група која ќе почне со работа на нацрт-договорот за пристапување за Црна Гора, земјата која најмногу напредна во пристапниот процес, објави Ројтерс.

Од кипарското претседателство рекоа дека вложиле големи напори за да обезбедат формирање работната група што е можно побрзо, особено имајќи ја предвид долгорочната техничка работа што треба да се заврши пред самиот почеток на изготвувањето на договорот за пристапување.

„Убедени сме дека ова ќе испрати силен сигнал дека пристапувањето е на дофат за партнерите за проширување“, изјави портпаролот на кипарското претседателство.

Црна Гора ги отвори сите поглавја од преговорите и затвори 14 од нив.

Црна Гора затвори ново ЕУ-поглавје, остануваат уште 19

Комесарката за проширување Марта Кос во расправата во Европскиот парламент во понеделникот изјави дека Европската Унија мора да учи од минатите проширувања за да не го повтори случајот со Унгарија, чиј долгогодишен премиер Виктор Орбан се сметаше за тројански коњ бидејќи систематски блокираше низа одлуки.

„Лекцијата научена од проширувањето во 2004 година е дека мора да имаме заштитни мерки кои ќе обезбедат новите членки да ги почитуваат правилата и дека е обезбеден интегритетот на нашата Унија“, кажа Кос, додавајќи дека пристапниот договор со Црна Гора ќе биде првиот што ќе содржи вакви заштитни клаузули.

Таа истакна дека новите членки дури и нема да ги почувствуваат овие заштитни мерки ако ги почитуваат вредностите и принципите врз кои почива Унијата, но во спротивно навистина ќе ги почувствуваат.

„Не станува збор за создавање дополнителни критериуми за новите членки, туку за фактот дека ако земјите назадуваат во однос на нашите фундаментални принципи како што се демократијата и владеењето на правото, заштитните мерки мора да „гризаат“ и секогаш мора да можеме да ја заштитиме нашата Унија. Ни треба ова за да ја зачуваме довербата меѓу земјите членки, довербата на нашите граѓани и довербата во самиот процес на проширување“, оцени Кос.

Таа најави и дека ќе презентира финансиски пакет за Црна Гора пред летото.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот