ЕУ ги замрзна милијардите на Русија на неопределено време од страв Америка да не ги земe
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја оцени одлуката на ЕУ за трајно замрзнување на средствата на Руската централна банка како незаконска, обвинувајќи го Брисел дека со укинување на принципот на едногласност го „преминува Рубикон“ и го поткопува владеењето на правото во Унијата.
Европската Унија реши средствата на Руската централна банка да останат замрзнати на неопределено време. Забраната, која се темели на одредба за економски вонредни состојби, се спротивставува на надворешните обиди за ослободување на 210 милијарди евра во средства пред Украина да биде обесштетена, објави „Јуроњуз“.
Препорачано
ЕУ се согласи на неопределено замрзнување на средствата на Руската централна банка – клучен елемент од заемот за репарации за Украина, кој сè уште е предмет на интензивни преговори во пресрет на самитот „или–или“ закажан за следната недела.
Со ова, Унијата ги „заклучува“ средствата под своја надлежност на догледна иднина, поради стравувања дека САД би можеле да се обидат да преземат контрола врз руските пари и да ги искористат во евентуален иден договор со Москва за ставање крај на војната.
Долгорочното замрзнување беше договорено од амбасадорите во четвртокот попладне, врз основа на член 122 од договорите на ЕУ, кој бара само квалификувано мнозинство од земјите членки и го заобиколува Европскиот парламент.
Законот забранува пренос на 210 милијарди евра назад кон Руската централна банка. Најголемиот дел од средствата – 185 милијарди евра – се чуваат во „Еуроклир“, централниот депозитар за хартии од вредност со седиште во Брисел. Преостанатите 25 милијарди евра се наоѓаат во приватни банки.
Политико: ЕУ тајно разгледува нов план за помош на Киев без запленување на руски средства
Досега, замрзнувањето на руските средства се спроведуваше преку класичниот режим на санкции на ЕУ, кој бара едногласна поддршка од сите 27 земји членки и затоа беше ранлив на поединечни вета. Минатата недела, Европската комисија предложи активирање на член 122 од договорите на ЕУ, со цел средствата да останат недостапни за Русија на подолг рок. Овој член претходно се користеше во ситуации на економски кризи, како пандемијата на Ковид-19 и енергетската нестабилност.
Во ново правно толкување, Комисијата оцени дека последиците од целосната руска инвазија врз Украина предизвикале сериозен економски удар врз целата Унија – од нарушувања во снабдувањето и зголемена неизвесност, до пад на инвестициите и потрошувачката, како и пораст на хибридни закани. Според предлогот, средствата во вредност од 210 милијарди евра ќе останат замрзнати сè додека Русија не престане да претставува значителен ризик за европската економија и не ги исплати репарациите за Украина, а нивното евентуално ослободување ќе може да се одобри само со ново квалификувано мнозинство во ЕУ.
Спротивставување на Трамп, заштита на Киев
Минатиот месец европските престолнини преку медиумите дознаа дека администрацијата на Доналд Трамп и Кремљ подготвиле план од 28 точки за завршување на војната во Украина, во кој се предлага руските средства да се користат и во корист на Вашингтон и на Москва. Оваа идеја наиде на брз и остар отпор кај западните сојузници, по што ЕУ реши да ги „заклучи“ средствата со квалификувано мнозинство, за да ја зајакне својата позиција и да се заштити од надворешен притисок и можни вета.
Долгорочната забрана е клучен дел од планот на Европската комисија руските средства да се искористат како основа за заем за репарации со нулта камата за Украина. Сепак, Белгија, како главен чувар на парите, остро се спротивставува, поднесувајќи бројни амандмани на правните текстови, што дополнително ја усложнува постапката пред клучниот самит на ЕУ на 18 декември, кога лидерите треба да одлучат како да обезбедат 90 милијарди евра за украинските потреби во 2026 и 2027 година.
Видео | Зеленски се сретна со европските лидери: „Судбината на Украина е судбина на Европа“
Белгискиот премиер Барт де Вевер го доведе во прашање активирањето на член 122, оценувајќи дека станува збор за средства на држава со која ЕУ не е во војна, додека Европската комисија возвраќа дека руската инвазија сериозно ја нарушила европската економија и дека правната основа е оправдана. Белгија најави поддршка само доколку се исполнат три услови: целосна заедничка поделба на ризикот меѓу земјите членки, силни ликвидносни заштити за „Еуроклир“ и рамномерна распределба на товарот меѓу сите држави што чуваат руски средства.
Дипломатите предупредуваат дека заобиколувањето на Белгија би било политички неодржливо, а доколку не се постигне компромис, ЕУ ќе мора да се сврти кон резервен план – издавање заеднички долг од 90 милијарди евра, опција што речиси сигурно би била блокирана од Унгарија.ж
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, истакна дека Брисел ќе продолжи да го засилува притисокот врз Москва сè додека таа не пристапи сериозно кон преговори за завршување на војната, додавајќи дека претстојниот состанок на Европскиот совет ќе биде од клучно значење за обезбедување финансиска поддршка за Украина во наредниот период.
Орбан: „Брисел денеска го преминува Рубикон“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан остро ја осуди одлуката на ЕУ на неопределено време да ги замрзне средствата на Руската централна банка, објави „Јуроњуз“.
„Брисел денес го преминува Рубикон. Предмет на гласањето се замрзнатите руски средства, за кои досега на секои шест месеци гласаа земјите членки на ЕУ, со што се носеа едногласни одлуки. Со денешната постапка, Брисел со еден потег ја укинува обврската за едногласност, на јасно незаконски начин. Денешната одлука ќе го стави крајот на владеењето на правото во Европската Унија и европските лидери ќе се постават над правилата. Наместо да обезбеди почитување на договорите на ЕУ, Европската комисија систематски го силува европското право,“ напиша Орбан во објава на социјалните мрежи во петокот.
Унгарија е под постапка според член 7 уште од 2018 година — процес што има цел да се справи со сериозни и системски прекршувања на основните вредности на Европската Унија, вклучително и владеењето на правото.
Значаен дел од средствата од ЕУ се задржани и преку Механизмот за буџетска условеност активиран во 2022 година, кој го поврзува пристапот до милијарди евра европски фондови со спроведување реформи за надминување на прекршувањата на владеењето на правото. Под водство на Орбан, Унгарија во минатото систематски ги користеше гласањата со едногласност за да го кочи носењето одлуки во ЕУ или како средство за преговарање.
„Ние сме песокот во машинеријата, стапот меѓу спиците, трнот под ноктот,“ изјави Орбан во 2024 година, осврнувајќи се на улогата на неговата земја во процесот на одлучување во ЕУ.
Русија, исто така, го осуди потегот. Во кратко соопштение објавено во петокот наутро, Руската централна банка најави почеток на правна постапка за „надомест на штета“ и го обвини „Еуроклир“ за спречување на ослободувањето на средствата.
Подоцна во петокот, Европската комисија ја отфрли таа тужба, оценувајќи ја како „шпекулативна“ и без правна основа.
Банката на Русија поднесе тужба за замрзнатите средства во Европа


