ЕУ бара да се стави крај на „златните пасоши“ и да не им се даваат визи на Русите

Европската комисија денеска ги повика владите на ЕУ да ги прекинат националните програми за продажба на државјанства на инвеститорите, познати и како шеми за „златни пасоши“, и ги повика да ја прекинат продажбата на визи за Русите и Белорусите.

Овој потег уследи по новиот притисок од Европскиот парламент за намалување и регулирање на индустријата за државјанства и визи од повеќе милијарди евра, која ЕУ долго време ја сметаше за безбедносен ризик, пишува Ројтерс.

Тоа доаѓа во услови на загриженост дека луѓето погодени од санкциите на Европската унија поради руската инвазија на Украина може да бидат носители на златни визи или пасоши на ЕУ.

„Некои руски или белоруски државјани кои се предмет на санкции или значително ја поддржуваат војната во Украина можеби се стекнале со државјанство на ЕУ или привилегиран пристап до ЕУ, вклучително и слободно да патуваат во Шенген зоната, според овие шеми“, соопшти Европската комисија.

Од почетокот на руската агресија, која Москва ја нарекува специјална операција, ЕУ стави на црната листа речиси 700 врвни политичари, бизнисмени и воен персонал обвинети за поддршка на Кремљ.

Комисијата побара итен прекин на постоечките национални програми за продажба на пасоши. Во моментов само Малта, Кипар и Бугарија имаат такви шеми и сите тие се обврзаа да ги прекинат. Бугарскиот парламент неодамна гласаше за завршување на својата програма.

Брисел, исто така, рече дека владите треба да проверат дали санкционираните лица поседуваат златен пасош или виза што претходно ги издале.

Европската комисија соопшти дека не знае дали санкционираните лица се меѓу корисниците на програмата. Портпаролот одби да разјасни дали побарале од земјите на ЕУ да достават списоци на луѓе кои купиле визи или пасоши.

Земјите треба да одредат дали да ги поништат тие пасоши и веднаш да ги повлечат дозволите за престој, рече Комисијата.

Неколку земји на ЕУ водат шеми за златни визи и имаа програми за златни пасоши.

Комисијата се воздржа од барањето за крај на златните визни програми, но бара строги проверки и побара од владите на ЕУ да го прекинат издавањето дозволи за престој на Русите и Белорусите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот