ЕСМ има 4.500 вработени, а фотоволтаици и ветерници ни градат странски фирми со 10 вработени

Во подем е генерирање струја од обновливи извори - Фотографија ЕПА, Нил Хол

Потпретседателот на Сојузот на стопански комори објасни зошто сега имаме три пати помало домашно производство на електрична енергија отколку во 1990 година

Државата компанија ЕСМ има околу 4.500 вработени, а склучува јавно-приватно партнерство со странски фирми со по десетина вработени за да градат ветерници и фотоволтаични системи. Ова е најлошата можна варијанта! – порача Орце Симов, потпретседателот на Сојузот на стопански комори.

-ЕСМ во последниов период има меѓу 4.000 и 5.000 вработени и тие не градат ни ветерници, ниту фотоволтаици, туку одат на најлошата можна варијанта: јавно-приватни партнерство со некоја странска фирма. И тоа со странски компании што имаат по 10, или 15 вработени. Тие ги земаат просторните ресурси на ЕСМ и таму градат капацитети, и ветерници и фотоволтаици во јавно-приватно партнерство, а за тоа ЕСМ добива 18 проценти од произведената електрична енергија, а странските компании во јавно-приватното партнерство добиваат 82 отсто од произведената електрична енергија. Зарем фирма со 4.500 вработени, која има и електроинженери и машински инженери и висококвалификуван и нискоквалификуван кадар, треба да прави јавно-приватни партнерства. Тие треба само да распишуваат тендери за набавка на потребни производи, а сами да ги проектираат и сами да ги градат сите енергетски капацитети – вели Симов.

Тој нагласува дека државната компанија која е најголема по број на вработени во државава, не си го работи тоа што треба да го работи.

-Нон-сенс е да имате 4.500 вработени, а да немате капацитет да направите фотоволтаични системи на исцрпениот рудник во РЕК Осломеј – вели Симов.

Тој објаснува и дека сега домашното производство е три пати помало од тоа во 1990 година

-Тогашната ЕСМ произведувала 8.000 гигават-часа електрична енергија, а сега произведува меѓу 3.000 и 4.000 гигават-часа. Ние како нација сите 40 години семе имале стратегија за енергетскиот систем, но не е постапувано по неа и не сме изградиле нови енергетски системи – изјави Симов пред почетокот на тркалезна маса на тема „Научени лекции од проектот Гриновет, употреба на вештачка интелигенција во создавањето на зелени вештини за иднината“ , што ја органзиараше Сојузот на стопански комори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот