Ескалација на насилството во Белград, реагираше државниот врв (ВИДЕО)

Српската полиција употреби најмалку 30 солзавци во обидот да спречи демонстранти да влезат во Собранието кои протестираа против воведувањето нови мерки за сречување на ширењето на новиот коронавирус.

Демонстрантите во моментов се повлекоа подалеку од влезот на Парламентот откако полицијата употреби и шок бомби, јавија белградски медиуми. Н1 јави дека тие се групираат во помали групи, и повторно се обидуваат да стигнат до влезот на Собранието. Некои демонстранти се упатиле и кон зградата на РТС. Насобраните луѓе, меѓу другото, кон полицијата извикуваат „ние ве плаќаме“.

Демонстрантите фрлаат со камења и тврди предмети кон полицијата. Тие извикуваат навреди кон претседателот на државата Александар Вучиќ.

Радомир Лазовиќ од иницијативата „Да не го давиме Белград“, изјави дека причина за овој спонтан протест е акумулираното незадоволство од властите во Србија.

Група граѓани влегоа во холот на Собранието кусо по 22 часот, по што полицијата интервенираше и по десет минути ги исфрли од парламентот.

Поголема група студенти тргнаа од Студентски град во Нов Белград кон центарот со цел да ги поддржат граѓаните кои протестираат пред Собранието.Со свирежи и извици, студентите се упатија кон градот за да им се придружат на собраните, јавија белградски медиуми.
Пред Националното собрание, од вечерва се одржуваат протести кои следуваат откако претседателот на државата Александар Вучиќ денеска најави нови рестриктивни мерки поради епидемиолошката состојба предизвикана од ширењето на Ковид-19.
 Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, по повод протестите и инцидентите пред Парламентот, остро го осуди „вандализмот на политичарите кои се одговорни за упадот во српскиот Парламент во време кога државниот и здравствен систем се соочуваат со вирусот Ковид-19″.

– Бидејќи не можеа да влезат во Собранието на изборите, тие повторно го покажаа своето вистинско насилно лице, обидувајќи се да добијат политички поени во најголемата криза на планетата од Втората светска војна, се наведува во писмената изјава на Брнабиќ.

-Државата и сите нејзини институции ќе го штитат правниот поредок, нагласи Брнабиќ.

Претседателот на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека партијата го осудува, како што изјави, „хаосот, инцидентите и насилниот упад во Националното собрание”.

– Нема никаква дилема дека ова е реакција на опозицијата на повикот (на српскиот претседател Александар Вучиќ) за единство во борбата против коронавирусот и во однос на државните предизвици со кои ќе се соочи Србија. Во Собранието се влегува преку избори, а не преку улица. Со ова и се нанесува штета на Србија во целина, но се загрозуваат и животите на луѓето, рече Дачиќ.

Голем дел од демонстрантите, кои се собраа вечерва пред зградата на српскиот Парламент, го напуштија платото пред зградата на Собранието, откако полицијата нешто пред полноќ интервенираше со голема количина солзавец.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот