ЕП 2020, Андоновски: Украина ќе биде добро „загревање“, поддршка за златните момчиња, напред Македонија!

Започнува ракометната треска, јануари резервиран да ги следиме големите натпреварувања, Виена ќе каже многу околу капацитетот на нашата репрезентација.

Горан Андоновски, поранешен репрезентативец на Македонија, учесник на нашите први европски (Италија 1998) и светски првенства (Египет 1999), екс тренер на РК Охрид, ексклузивно за „Слободен печат“ го сподели своето размислување околу шансите на Европското првенство 2020 (Австрија, Норвешка, Шведска).

Сениорите ќе го имаат своето шесто учество на континенталните собири, петти по ред, а најдобриот пласман го имавме во 2012 година кога го освоивме петтото место, а бевме и многу блиску до борбите за медал.

фото: фејсбук

– Со нетрпение сите ние вљубеници во ракометот го очекуваме стартот во петок. Среќни сме што во овој спорт сме континунирано учесници на Европски и Светски првенства. За мала земја како Македонија самото учество е огромен успех. А сега за нашите очекувања. Секако дека очекуваме многу посебно на ова Европско. Прво тргнувајќи од групата која за нас е одлична и имаме исклучително добра шанса за висок пласман. Имаме репрезентација предводена можеби последен пат од неповторливиот Лазаров, со Стоилов, Манасков, Борко на голот заедно со одличниот Митревски и само нас сеуште младите, а тие всушност се во најдобрите години Талески и Кузмановски.

„Црвено-жолтите“ предводени од селекторот Данило Брестовац ќе играат во групата „Б“ во Виена, во прелиминарната фаза прв ривал в петок (10. јануари) од 20.30 часот ни е селекцијата на Украина.

Распоред на натпревари на Евро 2020:

10. јануари 2019 Македонија – Украина 20.30 часот

12. јануари 2019 Чешка – Македонија 16.00 часот

14. јануари 2019 Австрија – Македонија 18.15 часот

Првопласираните две репрезентации ќе одат во главната фаза, а таму групата „Б“ вкрстува со групата „А“ (Хрватска, Белорусија, Црна Гора, Србија) и групата „Ц“ (Шпанија, Германија, Летонија, Холандија).

фото: рфм

– Украина за мене е аутсајдер во групата без најдобриот играч Онуфриенко и со играчи од домашното украинско првенство. Тоа ќе биде добро загревање пред дуелите со Чешка и Австрија. Чешка е наш редовен ривал со кого имаме шест победи и пет порази, со ветеранот Здрахала, Бабак и Бечвар со Мартин Галија на голот и Томаш Мрква од Бергишер. Десниот бек Кашпарек од Пик Сегед каде не игра воопшто покрај Македа и Степанчиќ. На лево и десно крило стари познаници од СЕХА лига, Чип и Хрстка. Хендикеп е неиграњето на нивниот пивот и најдобар одбранбен играч Леош Петровски од Бергишер. Сепак солидна репрезентација со која одлично се познаваме од која дури 14 играчи се интернационалци во Германија и Полска. Фаворити сме, но тоа мора да го покажеме на терен.

Селекторот Брестовац го објави конечниот список на играчи на кои ќе смета за настапот на Европското првенство.

– Австрија да не беше домаќин, ќе беше многу полесно. Имаат селектор без тренерско искуство, Словенецот Алеш Пајовиќ. Изненадувачко е отсуството на десниот бек Максимилијан Херман, левиот бек Ромас Кирвелиавичиус и голманот Пилиповиќ. Главни играчи се Томас Бауер на голот, главната ѕвезда Билик од Кил, десниот бек, ветеранот Божовиќ, десното крило Роберт Вебер и левото крило Раул Сантос, и на пикер Фабиан Пош. За ротација имаат многу слаб избор. Да не се домаќини, ќе бевме фаворити, вака е прашање…

Формата се темпираше и низ пријателски мечеви, претежно со млади играчи беше освоен турнирот во Букурешт „Трофеј Карпати“ со победите над Алжир (25:24) и домаќинот Романија (24:20). На тест дуелите во Слован Градец, прво загубивме од Словенија (28:32), а триумфиравме против Црна Гора (25:24).

– Уште нешто што забележав на нашите подготвителни натпревари. Сите ги одигравме без Кирил Лазаров. За мене несфатливо. Сигурно ќе почнеме со бековска линија Лазаров, Кузмановски и Талески, а тие заедно не одиграле ниту минута, ниту сега, ниту на претходното Светско каде Раул Гонзалез (претходниот селектор на Македонија) играше „7 на 6“ со Филип Лазаров. Камо среќа да грешам и да е сè најдобро, меѓутоа мораше барем да се проба оваа бековска линија како ќе функционира на контролните мечеви. Одбраната ни е премногу слаба, широка без затворање и бочно движење. Скептик сум со овој избор на играчи како ќе функционира. Можеби после повредата на Велко Маркоски требаше да се размислува за Димитриевски кој одлично игра во Шпанија или Кукоски…Вака мислам дека тука ќе имаме проблем. Поддршка за нашите златни момчиња Македонци и селекторот Брестовац и стручниот штаб. НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!!!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот