Енергетската криза, ценовниот раст и владините политики: тајминг, опфат и таргетирање

Фатмир Бесими, министер за финансии / Утрински брифинг, Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Вредноста на најновиот пакет мерки е проценета на околу 400 милиони евра, но доколку се земат предвид и претходните мерки што Владата ги спроведе минатата година и на почетокот на оваа година, сумата што досега е издвоена за ублажување на ценовните шокови кон граѓаните е околу 615 милиони евра.

Од почетокот на енергетската криза и порастот на цените, донесени се над 30 мерки од повеќе од 600 милиони евра за заштита на домаќинствата и економијата.

Изминаа две турбулентни недели од црниот 24 февруари, кога Русија ја започна воената инвазија врз Украина. Ненадминлив удар за човештвото, поради досега изгубените илјадници човечки животи и семејни трагедии. Остар удар и врз светската економија и животниот стандард на милиони граѓани низ целиот свет. Зошто е погодено светското население? Бидејќи украинската криза не е само војна помеѓу две држави, туку војна помеѓу две многу важни алки во глобалните синџири на снабдување. Русија е најголемиот извозник на гас, втор најголем извозник на нафта, важен извозник на метали, додека заедно со Украина се едни од најголемите извозници на жито во светот.

Во текот на овие две недели, рубљата го пробиваше дното, цената на барел нафта го уриваше плафонот (за првпат од 2008 година се искачи над 130 долари за барел), а меѓународната заедница презеде санкции за економска изолација на Русија. Стана јасно дека кризата во Украина ќе се одрази врз глобалната економија. ММФ веќе најави дека ќе ја ревидира надолу проекцијата за годинешниот економски раст, откако претходно во јануари беше намалена за 0,5 процентни поени на 4,4%. Европската централна банка веќе направи ревизија на својата проекција за раст на економијата во еврозоната од 4,2% на 3,7%, што во некоја мера е и позитивно, бидејќи засега не се очекува навлегување на европската економија во нова рецесија (што се добри вести и за нас, со оглед на поврзаноста на домашната со европската економија). Очекувањата на ЕЦБ за инфлацијата во еврозоната е покачена од проектираните 3,2% на декемвриската седница, на 5,1%. Тие очекуваат во 2023 инфлацијата да падне на 2,1%, додека во 2024 година би се симнала под 2%, односно 1,9%.

Она што се исправи како најголем предизвик пред креаторите на политиките е секако тоа дека ситуацијата во Украина придонесе за кулминација на ценовните притисоци на примарните производи на светските берзи. Овие ценовни притисоци започнаа во 2021 година, или она што е познато во јавноста како енергетска криза. На почетокот на пандемијата 2019-2020 година имаше голем пад на побарувачката на енергија, и како резултат на тоа соодветно намалување на производството на нафтата. Кога, пак, економиите почнаа да функционираат во рамките на „новото нормално“, производителите бавно реагираа на закрепнувањето на побарувачката.

Растот на цената на енергијата на светските берзи, вклучително и на други примарни производи, ги подгреа вкупните ценовни притисоци, кои преку меѓународните пазари се прелеаја во националните економии. Сега, тие притисоци, како резултат на кулминацијата на руско-украинската криза, стануваат сè посилни.

Првите мерки донесени летото минатата година

Иако некој, веројатно за политички цели, ќе каже дека доцна носиме мерки, вистината е дека првите мерки Владата ги презема уште пред повеќе од половина година, со намалување на стапката на ДДВ за струја. Со измени на Законот за данокот на додадена вредност, даночната стапка за прометот на електричната енергија за домаќинствата во јули минатата година го намаливме од 18 на 5 проценти, заклучно со јуни 2022 година. Со воведувањето на повластена даночна стапка, овозможивме граѓаните да не го почувствуваат првичниот удар на цената на енергијата. Понатаму, со цел да се амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и парното, Владата на двапати (крајот на 2021 и почетокот на 2022 година) на Електрани на Северна Македонија им префрли по 5,3 милијарди денари, или вкупно околу 10,6 милијарди денари. Ова резултираше со многу помала корекција на цената на електричната и топлинската енергија од реалната пазарна вредност, односно цената изнесува околу 20% од пазарната.

Исто така, во декември беа замрзнати цените на дел од основните прехранбени производи, додека по завршувањето на оваа мерка, беше донесена мерка за ограничување на маржата за овие производи. Во контекст на заштита на животниот стандард на граѓаните беше и покачувањето на минималната плата и на пензиите, со цел да се заштитат граѓаните што имаат пониски приходи од просечните.

Сега, две недели по отпочнувањето на руско-украинската криза, излегуваме со пакет од 26 мерки, кои имаат за цел да го заштитат стандардот на граѓаните и да ја поддржат економијата. Вредноста на најновиот пакет мерки е проценета на околу 400 милиони евра, но доколку се земат предвид и претходните мерки кои Владата ги спроведе минатата година и на почетокот на оваа година, сумата што досега е издвоена за ублажување на ценовните шокови кон граѓаните е околу 615 милиони евра. Оваа сума е блиску до сумата што Хрватите ја предвидуваат за справување со ценовните притисоци, или околу 635 милиони евра. За споредба, Грција предвидува 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн.

Кога ќе се споредиме со регионот, ние во моментот имаме и најниски цени на основните производи, како маслото за јадење, шеќерот, брашното и горивата. Така, литар дизел кај нас е за околу 0,3 евра, или околу 18 денари поевтин во однос на Србија, Хрватска и Црна Гора. Ако литар сончогледово масло кај нас чини 1,5 евра, во Хрватска е 2,2 евра, во Црна Гора 1,89 евра, во Косово 1,77 евра, Босна и Херцеговина 1,76 евра и Србија 1,7 евра. И цените за килограм брашно и килограм шеќер кај нас, во споредба со регионот, се пониски до 20 евроценти. Кога ги правам овие споредби, не би сакал читателот да ме сфати погрешно. Никој никого не теши дека нашите соседи плаќаат повисоки цени. Правиме соодветна економска анализа на состојбите за да може да ја добиеме целосната слика за ситуацијата.

Што носи последниот пакет од 26 мерки

Доколку се анализира последниот пакет мерки, може да се групираат неколку категории мерки. Така, според видот, предвидовме даночни мерки, финансиска поддршка, административни ограничувања со кои ќе се влијае врз цените и мерки за штедење енергија. Доколку се групираат според насоката на делување, имаме мерки што се однесуваат на амортизирање на порастот на цените на храната и  на горивата, на енергетска ефикасност и поддршка на фирмите.

Во однос на мерките што ги насочивме кон намалување на цената на храната, ја намаливме повластена стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5% на 0%. Ова се однесува на основните производи како леб, шеќер, брашно, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца. За позначаен ефект, оваа мерка ќе биде спроведувана паралелно со замрзнување на маржите на некои основни производи за човечка исхрана. Така, во периодот од април до јуни годинава, предвидено е административно замрзнување на маржите, со цел спречување наднормален профит, во период на енергетска криза и повисока стапка на инфлација, кога цените на прехранбените производи се подложни на чести нагорни корекции.

Предвидовме и автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји, како пченица, брашно тип 400 и сончогледово масло за јадење. За најранливите категории граѓани предвидовме во периодот од април до јуни да им доделиме ваучери во вредност од по 1.000 денари секој месец, кои би се користеле за купување основни производи. За сите пензионери почнувајќи од мартовската, а завршувајќи со мајската пензија, превидени се дополнителни субвенции од по 1.000 денари како дополнување на пензијата.

Во однос на цените на горивата, преземавме повеќе сериозни даночни олеснувања и олеснувања преку пресметката. Една од нив е повластена стапка на ДДВ од 5% за електрична енергија за домаќинства до крајот на годината. Исто така, дадовме препорака за воведување на блок-тарифи за помала потрошена количина на електрична енергија да биде тарифирана со пониска цена, со што ќе се заштитат тие што имаат помал доход, но воедно и ќе се мотивираат за дополнително штедење во користењето на електричната енергија. Исто така, преку програмата за енергетска сиромаштија, на домаќинствата со ниски примања месечната сметка за потрошена електрична енергија ќе им се намалува за 600 или 800 денари месечно, според висината на примањата. Владата ќе го продолжи и субвенционирањето на цената на електрична енергија на регулираниот пазар, во услови на европска енергетска криза и значително зголемена берзанска цена на електричната енергија. Ќе се продолжи и субвенционирањето на цената на парното греење.

Во насока на ублажување на цените на горивата, кои деновиве го достигнаа највисокото ниво во изминатите 14 години, ја  намаливме стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан. Мерката се очекува да има влијание врз заштита на куповната моќ на крајните потрошувачи, вклучително и земјоделците што произведуваат во мал обем.

Исто така во оваа насока, ја намаливме акцизата за горивата, врз основа на движењата на берзанските цени. Со измените на Законот за акцизи, акцизата ќе се намалува за 1, 2 или 4 денари по литар за безоловниот бензин, дизелот и екстра лесното гориво, во согласност со средната дневна берзанска цена на „Медитераниан каргос ФОБ (Итали)“. Исто така, за поддршка на увозниците, тие ќе бидат ослободени од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Мерката ќе има позитивен ефект врз ликвидноста на компаниите, за износот на данокот што би го платиле при нивен увоз.

Продолжуваме со стратегијата за финансиска консолидација

Од каде пари за овој обемен пакет мерки? Од овие 400 милиони евра, колку што вреди вкупниот пакет, околу 90 милиони евра се откажување од приходи, а околу 310 милиони евра се директни фискални расходи. Сепак, сите мерки нема да се реализираат истовремено. Дел се на кус рок – како даночните ослободувања и субвенциите за ранливите категории граѓани, додека има и среднорочни мерки што се однесуваат на фондовите за поддршка на компаниите. Дел од средствата ќе се обезбедат и од меѓународните финансиски организации, како ЕБОР. Според пресметките на Министерството за финансии, економското влијание на мерките се очекува да биде над 500 милиони евра со оглед на мултипликативниот ефект на некои мерки и Планот за забрзан раст, според кој, покрај буџетските средства се мобилизираат и средства од приватниот сектор.

Финансиската поддршка за граѓаните и стопанството е извонредно важна во економски турбулентни години. Во таа смисла, прераната фискална консолидација (предвременото повлекување на финансиската поддршка за стопанството и ранливите категории граѓани) би го одолговлекла периодот на закрепнување и на крајот, би можела да резултира и во повисок јавен долг како процент од БДП. Во таа смисла останува отворена дебатата за меѓугенерациската солидарност и дистрибуција на доходот и долгот. Во текот на годината ќе има и реструктуирање на буџетот, како што впрочем има и секоја година, каде што ќе се пренасочат одредени средства што реално нема да се искористат кон овие позиции.

Никој не вели дека ќе биде лесно, но тврдам дека од моја страна како министер за финансии, а и од страна на моите колеги од Владата, ќе има борба за да граѓаните што помалку ги почувствуваат притисоците од руско-украинскиот конфликт. Тоа, впрочем, го докажавме и со антикризните мерки за време на пандемијата, со кои значително беа амортизирани ефектите врз економијата и за кои добивме најдобри оценки од меѓународните финансиски институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот