Chalinee Thirasupa / Profimedia

Емануел Макрон јавно откри зошто тој и Брижит никогаш немале деца

Љубовната приказна на Емануел и Брижит Макрон ја интригира јавноста со децении, а деновиве уште повеќе беа во центарот на вниманието затоа што првата дама му удри шлаканица на претседателот. Иако се во брак шеснаесет години, немаат заеднички деца. Претседателот на Франција неодамна отворено проговори за таа одлука, како и за својот семеен живот.

Љубовта што започна пред повеќе од триесет години сè уште е предмет на многу дискусии. Францускиот претседател Емануел Макрон, тогаш шеснаесетгодишен, ја запознал својата идна сопруга Брижит Троње во 1992 година во средното училиште „Ла Провиденс“ во Амиен, каде што таа предавала литература. Нивната врска, обележана со голема разлика во годините, наишла на бројни пречки, но го издржала тестот на времето.

Откако Брижит го напуштила училиштето поради гласините за нивната врска, тие останале во контакт, а во 2006 година таа се развела и се преселила во Париз поради Емануел. Се венчале во 2007 година, а тој постојано нагласувал дека нивната љубов е посилна од сите препреки.

Иако се во хармоничен брак, Макронови немаат заеднички деца. Во емисијата „Au Tableau“, францускиот претседател ги објасни причините за тој избор: „Тоа беше мој избор. Брижит веќе имаше три деца кога се запознавме. Најважно за мене беше да ги воспитаме добро и да ги сакаме. Денес имам и седум внуци преку децата на Брижит, и тоа ми е доволно.“

Макрон истакна дека тие се доказ дека постојат неколку видови семејства и дека најважно е што секое од нив е проект на љубов.

„Не жалам што немам свои деца бидејќи ги сакам децата и внуците на Брижит како да се мои“, додаде тој.

Брижит беше во брак со Андре-Луј Озиер и со него има три деца. Себастијан Озиер (роден 1975 година) е експерт за медицинска статистика и работел на високи позиции во секторот за истражување на пазарот, Лоренс Озиер (родена 1977 година) е кардиолог, а најмладата Тифани Озиер (родена 1984 година) е адвокатка специјализирана за трудово право. Токму таа јавно го поддржа Макрон за време на неговите претседателски кампањи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот