Ел Салвадор отвора мегазатвор поголем од град

Ел Салвадор затвор/ Фото EPA-EFE/gobierno de El Salvador

Мегазатвор со капацитет да прими 40.000 затвореници, е отворен во Ел Салвадор, за да ги растовари преполнетите казнено-поправни домови во земјата по обемната кампања на властите против криминалот во земјата.

Дури и ако ја избегне „судбината“ да прими повеќе луѓе од капацитетот, затворот во Теколука би бил најголем во Латинска Америка, а веројатно и во светот. Во Ел Салвадор има само 14 града со повеќе од 40.000 жители. За споредба, гратчето Теколкука покрај кое е изграден има 2.781 жител, а целиот регион има 30.000 жители.

Ќелиите на Притворниот центар за тероризам, како што е името на затворот, веројатно брзо ќе бидат пополнети. Конгресот лани во март објави вонредна состојба поради порастот на криминалот, па полицијата и армијата добија проширени овластувања да прислушуваат осомничени лица и да апсат без налог. Во координираната офанзива беа приведени повеќе од 62.000 осомничени членови на банди и нивни соработници.

Затвор Ел Салвадор EPA-EFE/gobierno de El Salvador

Тоа придонесе во земјата со околу 6,6 милиони жители да има повеќе од 120.000 приведени или затворени лица, што е 2 отсто од популацијата. Во „Ла Есперанца“, до завчера најголемиот затвор во Ел Салвадор, има 33.000 затвореници, што е тројно повеќе од максималниот капацитет. Пред офанзивата против бандите, во 20 казнени установи низ Ел Салвадор веќе имало 36.000 лица.

– Сите тие момци, тие терористи во организациите од кои страда нашиот салвадорски народ, ќе бидат во дом под строг надзор и режим – изјави директорот на националните затвори Осирис Луна.

Новиот затвор ќе се простира на површина од 166 хектари, а ќе го обезбедуваат 600 војници и 250 полицајци. Електронски систем ќе го блокира пристапот до мобилната и сателитската мрежа.

Претседателот Најиб Букеле изјави дека новиот центар КЕКОТ е „основа за победата во војната против бандите“.

– Во новиот комплекс затворениците повеќе нема да имаат пристап до проститутки, мобилни телефони, компјутери или конзоли за играње, како низ другите затвори – изјави претседателот при обиколка на празниот затвор. Тој не најави кога таму ќе бидат префрлени првите затвореници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот