Експлозија на бои и вкусови ќе се случи на зелениот кров на „Ко-Ра“

Турлитава

Самостојната изложба „Боите на вкусот“ на академскиот графичар и графички дизајнер, Дарко Аницин, на 1 септември, со почеток во 18.30 часот, ќе биде отворена во Дом на култура „Кочо Рацин“ („Ко-Ра“) во Скопје (зелен кров).

– Целта на овој автономен и иновативен проект насловен „Боите на вкусот“ е преку мобилизирање на граѓаните/ките, од различни културни средини, да ги поттикне на негување и афирмирање на традицијата и културата. Нешта кои се помалку или повеќе интересни во зависност од интересот на поединецот. Но нишката што ги поврзува сите, и се провлекува во истражувањето и проверувањето на евентуалната приказна, којашто знае да ги обои денот и расположението, е оној сегмент кој секој со задоволство го зема здраво за готово е храната – стои во најавата на изложбата.

Храната овозможува своевидно директно искусување на историјата и културата, неизбежните составни делови од уметноста на гастрономијата, таа е еден од клучните елементи на материјалното културно наследство, еден од факторите на идентитетот на одреден народ, на одредено географско подрачје.

– Големо влијание врз нашата национална кујна, врз нејзиниот специфичен облик имаат Турците, поради долгиот престој на нашата почва од каде и доминантното влијание. Со појавата на печалбарството кон крајот на XIX век се воведуваат и новитети од Запад – тука се француската, унгарската, англиската, руската кујна – но незначително. Со текот на времето некои јадења, пренесувани со генерации, претрпеле влијанија (по вкус и боја), но целта е да ги зачуваме и грижливо да ги пренесеме на новите генерации – објаснува авторот на изложбата.

Тавче-гравче

Проектот почнал со објавување на јавен повик/интерактивен конкурс за учество на публиката, каде граѓаните и граѓанките праќале по еден предлог рецепт, состав со кои го подготвуваат своето омилено традиционално јадење, јадење кое го афирмира или карактеризира поднебјето од каде што потекнуваат. Така се добила експлозија од вкусови кои даваат специфична карактеристика на препознатливост и уникатност.

Авторот Дарко Аницин направил избор на рецепти/традиционални јадења по кои создава акрилни дела (експлозија на бои и вкусови), кои ќе ги претстави на интерактивна изложба, каде ќе може да се вкусат направените јадења според одбраните рецепти. На тој начин ќе биде направена интеракција помеѓу набљудувачот, традиционалните јадења и ликовните дела.

Малиџано

Дарко Аницин е роден 1977 година во Скопје. Тој е академски графичар и графички дизајнер кој своето образование го има стекнато во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, а потоа и на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Својата креативност веќе 25 години најчесто ја изразува преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што е и најпрепознатлив пред пошироката јавност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот