ЕКСКЛУЗИВНО: Ќе нема реконструкција, туку нова влада со нов премиер!

влада на рсм
Влада на РСМ, Фото: Robert ATANASOVSKI / AFP / Profimedia

По окрупнувањето и зацврстувањето на парламентарното мнозинство, кое се очекува да се случи наскоро, премиерот Зоран Заев ќе ги активира оставките што ги најави – и на функцијата премиер и на лидерската во СДСМ. Потоа ќе следува избор на нов лидер на СДСМ, а тој ќе биде и мандатар за состав на новата влада, вели нашиот извор.

Ќе нема реконструкција на Владата, туку нова влада што ќе ја состави нов премиер, кој ќе биде и лидер на СДСМ, изјавуваат за „Слободен печат“ добро упатени извори од кабинетот на актуелниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев. По окрупнувањето и зацврстувањето на парламентарното мнозинство, кое се очекува да се случи наскоро, премиерот Зоран Заев ќе ги активира оставките што ги најави – и на функцијата премиер и на лидерската во СДСМ. Според ова засега неофицијално сценарио за развојот на настаните, по официјализирањето на оставките ќе следува избор на нов лидер на СДСМ, а тој ќе биде и мандатар за состав на новата влада, вели нашиот извор.

Ако Алтернатива дефинитивно одлучи да биде дел од власта, тогаш мнозинството ќе брои најмалку 64 пратеници, вклучувајќи го и Кастриот Реџепи од Беса.

Според нашиот извор, Заев ќе го одложува поднесувањето на оставките сè до моментот кога ќе го обезбеди мнозинството. Штом ќе се случи тоа, веднаш СДСМ на непосредни избори ќе добие нов партиски лидер. Засега не се открива наследникот на Заев. Тој ќе биде избран од повеќе предложени кандидати од кои членството на директни избори ќе го изгласа новиот претседател. Тој ќе биде и новиот мандатар за новата влада, ќе состави свој кабинет, што значи дека ќе нема реконструкција на актуелната влада. Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, разговорите ќе ги почнат денеска во Клубот на пратениците. Под претпоставка да се договорат таа партија да му се приклучи на владејачкото мнозинство, тогаш и министерските позиции за Алтернатива ќе бидат во пакет со кадровските решенија за новата влада. Во таков случај, со оставката на премиерот Заев, во оставка ќе биде и целата Влада. Новиот мандатар ќе предложи до претседателот на државата Стево Пендаровски програма и нов состав на Владата. Се претпоставува дека некои од актуелни министри ќе си ги задржат позициите и во новата влада, а извесно е дека нема да бидат сменети министрите од ДУИ.

Дека Заев ќе успее да го засили мнозинството пратеници, укажуваат и позитивните сигнали од Алтернатива. Пратеникот и член на претседателството на Алтернатива, Скендер Реџепи, во пресрет на денешната средба помеѓу Заев и Гаши за „Слободен печат“ изјави дека верува оти партиските органи ќе одлучат Алтернатива да биде дел од Владата. Реџепи вели дека очекувањата во партијата се дека предност ќе им дадат на евроинтеграциските процеси на земјава и на програмските ветувања до граѓаните.

– Разликите во партијата се стопија и очекувам нејзините тела да донесат одлука за влез во Владата, но сепак ќе почекаме до конечната одлука. Интеграцијата на земјава во ЕУ е приоритет, а не уривањето на Владата. Верувам дека предност ќе им дадеме на евроинтеграциските процеси, како и на остварувањето на програмата, што Алтернатива им ја вети на граѓаните и на нашите избирачи – вели Реџепи.

Тој тврди дека досега немало понуда за министерски позиции и очекува сликата да биде појасна по средбата помеѓу Заев и Гаши. Неофицијално, се очекува Алтернатива да добие две министерски места, заменици министри како и повеќе директорски функции, бидејќи од нив ќе зависи стабилноста на мнозинството. Се шпекулира дека кон владејачкото мнозинство може да се приклучат и пратеници од опозициските Алијанса за Албанците и Беса, но засега нема потврда за тоа, освен дека власта разговара со повеќе пратеници на кои приоритет им се евроинтеграциите.

Потврда дека (ќе) има стабилно парламентарно мнозинство, вчера дојде и од Заев. Премиерот тоа го кажал на состанок со федералниот министер за надворешни работи на Австрија, Михаел Линхарт.

– Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори, напротив – до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата – рекол Заев.

Убеден дека наскоро ќе има окрупнување на мнозинството е и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Новото стабилно мнозинство е апсолутно неспорно и тоа ќе се случи наредните денови. Преговорите се во тек. Ќе повторам, многу е важно што рационалните политички сили, па и пратениците одлучија во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива – вели Османи.

Тој нагласи дека бројката од повеќе од 60 пратеници е и вистинска и реална, а како ќе се реализира мнозинство, за тоа се разговара и договара со сите политички партии.

– Подобро да ги завршиме овие преговори со лидерите на коалицијата и со другите можни партнери. Би било добро тие што ќе бидат дел од новата влада да сакаат да бидат дел од новото мнозинство што гарантира стабилност и европска иднина за државата – рече Османи.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот