ЕКСКЛУЗИВНО | Истражување на „Брима“: Кој има најмногу шанси на локалните избори

Гласање на предвремени парламентарни избори 2020 / 15 јули 2020 / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Редовниот политички барометар на агенцијата „Брима“ за политичките ставови на населението во Република Северна Македонија во пресрет на локалните избори во државата е теренско истражување, спроведено во периодот од 27 август до 9 септември годинава на национално репрезентативен примерок (анкетата е направена според методот лице-в-лице, во домот на испитаникот), со запазаување на сите демографски карактеристики на популација од 18+ години во државата, во која се опфатени 1.201 испитаници. Резултатите се со маргина на грешка од +/- 2,8%.

Испитаниците беа запрашани и за тоа „За кандидат на која политичка партија би гласале за градоначалник на вашата општина на претстојните локални избори?“, по што 19,8% би гласале за кандидат на СДСМ, 17,7% за кандидат на ВРМО-ДПМНЕ, 7,5% за ДУИ, 5,6% за Алијансата на Албанците, 4,6% за Движењето БЕСА, 3,3% за Левица итн. Занимливо, во овој момент 2,4% се изјаснуваат дека ќе гласаат за независен кандидат, а 8,8% се изјаснуваат дека нема да гласаат. Сепак, околу една четвртина се во категорија „неизјаснети“, односно 13% велат дека се „неодлучни“, 3,7% велат„не знам“, а  7,4% експлицитно „одбиваат да одговорат“.

Од аспект на етничка припадност, 52,2% од етничките Македонци „многу веројатно“ би гласале, наспроти 24,7% од етничките Албанци и 45,7% од другите националности.

Од оние кои се изјасниле дека „многу веројатно“ би гласале во најнизок процент се во Полошкиот регион (20,7%), а во највисок во Југоисточниот регион (70%). Во другите региони овие параметри се движат во опсег од околу 38%-56%.

Ако се разгледуваат само испитаниците кои во овој момент се изјаснуваат дека „многу веројатно“ ќе гласаат на локалните избори, 33% од нив би гласале за кандидат на СДСМ, 28,2% за кандидат на ВРМО-ДПМНЕ, 4,5% за ДУИ,2,8% за Алијансата на Албанците, 3,3% за Движењето БЕСА, 3,8% за Левица итн.Моментно, 2% од испитаниците се изјаснуваат дека ќе гласаат за независен кандидат и во помал процент за други партии.

Секако дека треба да се има предвид дека претстои предизборна кампања која бездруго ќе влијае врз определбата на гласачите да излезат на гласање и да го дадат својот глас за одредена опција.

Кога ќе се споредат податоците за партиските рејтинзи и гласачкиот потенцијал на партиите, со изборното расположение за претстојните локални избори, слободно може да се заклучи (со мали варијации) дека постои висока корелација помеѓу партиската определба со определбата за кого би гласале за градоначалник на својата општина на претстојните локални избори. Но, во зависност од конкретните „понуди“ на кандидатите, можна е промена во изборната определеност на претстојните локални избори.

Погледнете ги и останатите резултати од истражувањето на „Брима“:

ЕКСКЛУЗИВНО | Истражување на „Брима“: Што ги мачи граѓаните?
ЕКСКЛУЗИВНО | Истражување на „Брима“: Како ќе се гласа ако утре има парламентарни избори
ЕКСКЛУЗИВНО | Истражување на „Брима“: Каде оди Македонија?
ЕКСКЛУЗИВНО | Истражување на „Брима“: Заев сѐ уште најпопуларен политичар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот