Ексградоначалникот на Сарај Беџети по кривичната пријава од МВР: Ова е чист политички притисок
Поранешниот градоначалник на Сарај Блерим Беџети, вчеравечер преку објава на социјалните мрежи реагираше за кривичната пријава од МВР против него и уште едно лице, која ја оцени како политички притисок, а не правна постапка.
Препорачано
„Вчера Мицкоски имал „чувство“ дека ќе има кривични пријави. Денес Министерството за внатрешни работи го реализира тоа ‘чувство’. Случајност? Не. Ова е чист политички притисок“, изјави Беџети.
Ексградоначалникот на Сарај додаде дека кога, како што вели, кривичните пријави се најавуваат од политиката, а потоа се реализираат од институциите, тоа отвора сериозни дилеми за функционирањето на државата.
„Но нека им биде јасно: јас не запирам. Не се уценувам. Не се повлекувам. Ова се обиди да се замолчи политичкиот глас кој не прифаќа да се потчини“, додаде Беџети, потенцирајќи дека овие постапки, како што вели, само ја зајакнуваат неговата убеденост.
Вчера, Министерството за внатрешни работи соопшти дека поднело кривична пријава против 49-годишниот Б.Б. и 61-годишниот од Скопје, осомничени за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според Министерството, З.Д. како овластено службено лице во Град Скопје овозможил фирма од Сарај да стекне противправна имотна корист од 3.224.064 денари, иако немал надлежност да издава решение за режим на сообраќај.
Воедно, како што се вели во пријавата, Беџети како градоначалник на Општина Сарај, во два наврати донел решенија за режим на сообраќај и нивни измени без соодветен надзор и спротивно на урбанистичкиот план, со што, според полицијата, ѝ овозможил на истата фирма да стекне противправна корист од 42.851.205 денари.
И покрај обвинувањата, Беџети порача дека „вистината не запира, само доцни, но доаѓа и победува“.


