Економски раст воден од иновации
Нобеловата награда за економија за 2025 година им е доделена на тројца универзитетски професори: Џоел Мокир, американско-израелски економски историчар, професор на Универзитетот Нордвестерн во САД и на Универзитетот во Тел Авив, Филип Агион, француски економист, професор на Колеџот во Франција, на Школата за бизнис во Париз и на Лондонската школа за економија и политички науки и на Питер Ховит, канадски економист, професор на Универзитетот Браун во САД.
Престижната награда на овогодишните лауреати им е доделена за нивниот придонес во објаснувањето на економскиот раст воден од иновации.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иновациите и новите технологии придонесоа одржливиот економски развој да стане нова нормала
Во соопштението на Шведската кралска академија на науките се истакнува дека Нобеловата награда на Џоел Мокир (Мокир доби половина од сумата предвидена за наградата, а другата половина ја делат Агион и Ховит) му се доделува за неговиот придонес во идентификацијата на предусловите за одржлив раст преку иновации. Мокир, посебно ја истражува британската економска историја во периодот од Индустриската револуција до денешни дни. До почетокот на Индустриската револуција светскиот економски раст бил стагнантен. Но, Индустриската револуција, благодарение на бројните технолошки иновации, во доменот на динамизирање на растот направи вистински пресврт. Примерот на Британија и Шведска, потврдува дека почнувајќи од раните години на XIX век (од 1825 година) па до денешни дни, одржливиот економски раст стана нова нормала. Имено, иако економиите на Британија, Шведска и на другите индустријализирани земји по 1800 година бележеле просечни годишни стапки на раст од околу 2 %, што не изгледа многу, континуираниот раст од 2 % годишно им овозможил на овие земји да го удвојат доходот за период еднаков на еден човечки работен век. Претпоставувам дека овој период изнесува 35 години и дека е пресметан врз основа на правилото 70 – ако бројот 70 се подели со просечната стапка на економски раст, во случајов 70/2, се добива бројот на години (35) неопходни да се удвои доходот, односно бруто-домашниот производ на земјата.
Сугерирачки и инструирачки знаења
Нема сомнение дека одржливиот развој е резултат на иновациите и новите технологии. Ова е општо познат факт. Меѓутоа, голема заслуга е на Мокир, што открива „зошто и како“ новите знаења и иновациите функционираат, т.е. даваат ефекти и водат до економски просперитет. Неговата теза е дека не е доволно луѓето да знаат дека нешто функционира, туку и да знаат како тоа функционира. За да ја објасни, би рекол, феноменологијата на успешните иновации, Мокир најпрвин покажува дека главен предуслов за постигнување на одржлив раст е континуираниот прилив на корисни знаења. Притоа, тој разликува сугерирачки знаења (propositional knowledge) и инструирачки знаења (prescriptive knowledge). Сугерирачките знаења упатуваат на систематско опишување на законитостите во природните и општествените науки и покажуваат зошто нешто функционира. Инструирачките знаења, пак, претставуваат практични упатства, инструкции, цртежи, рецепти, кои опишуваат што е неопходно за нешто да функционира. Двата типа знаења заемно се надополнуваат и овозможуваат економски просперитет, т.е. одржлив развој воден од иновации. Меѓутоа, пред Индустриската револуција, иновациите главно беа засновани врз инструирачките знаења. Луѓето знаеја дека нешто функционира, но не и зошто функционира. Истовремено, сугерирачките знаења беа развивани без повикување на инструирачките знаења, што ја правеше тешка, дури и невозможна нивната имплементација во практиката.
Со настапувањето на Индустриската револуција научниците почнаа да применуваат методи за прецизни мерења, контролирани експерименти и сл., со што се унапредија врските меѓу сугерирачките и инструирачките знаења. Тоа доведе до акумулација на корисни знаења и нивна примена во производството на иновативни добра и услуги. Воспоставувањето на оваа органска врска меѓу сугерирачките и инструирачките знаења, според Мокир, покажува зошто, по Индустриската револуција, којашто започна во Британија, земја со многу вешти занаетчии и инженери, токму таа стана најразвиена земја во светот. Истражувањата на Мокир, исто така покажаа дека за успешна примена на новите идеи значајни се не само техничките туку и комерцијалните знаења како и подготвеноста на општествата да бидат отворени за нови идеи и да го спречуваат отпорот кон промени.
Осовременување на теоријата на креативна деструкција
Терминот креативна деструкција во економската теорија го воведе големиот економист Џозеф Шумпетер во 1942 година. Суштината на креативната деструкција се сведува на тврдењето дека иновациите, сфатени како самогенерирачки процес, имаат потенцијал да ги револуционизираат постојните економски структури, да ги заменуваат старите технологии со нови и да креираат економски прогрес. Во т.н. динамична теорија за економскиот развој на Шумпетер, носители на иновациите се претприемачите. Претприемачите кои први ќе воведат иновации и нови технологии добиваат високи, натпросечни профити. Тој факт ги поттикнува, ги мотивира, постојано да иновираат, со што процесот станува самогенерирачки и води до зголемување на продуктивноста, до динамизирање на економскиот развој и до подобрување на стандардите на живеење на луѓето. Во оваа смисла, според овогодишните лауреати, креативната деструкција е позитивен процес. Но таа има и негативна страна, бидејќи ги деструира, ги уништува старите економски структури, старите институции и старите технологии, придонесува за отпуштање на работници, па дури и за пропаѓање на претпријатијата кои не се способни да иновираат.
На Агион и Ховид, Нобеловата награда им е доделена за осовременување на теоријата на одржлив раст преку креативна деструкција. Тие, во 1992 година конструирале математички модел на креативна деструкција кој е фактички инспириран од учењето на Шумпетер. Овој модел го покажува процесот на воведување нови производи на пазарот под дејство на иновациите и потврдува дека новото е креативно, но и деструктивно, бидејќи компаниите чии технологии застареле стануваат неконкурентни и се соочени со пропаѓање. Така, самата креативна деструкција го поттикнува процесот на влез и излез на претпријатија во економската структура на општествата, со што конкуренцијата и пазарот ги „наградуваат“ претпријатијата со добра економска и технолошка перформанса, а ги „казнуваат“ оние што не иновираат и не воведуваат нови технологии. Според лауреатите, токму овој процес лежи во суштината на креативната деструкција и придонесува за економски просперитет.
Истражувањата на Агион и Ховит се корисни и за утврдување на т.н. оптимален обем на инвестиции за истражување и развој. Иако за значењето на инвестициите за истражување и развој во економската литература се зборува многу, прашањето за оптималниот обем на средства за истражување и развој, колку што мене ми е познато, е малку истражувано. Агион и Ховит сметаат дека до задоволителен одговор на ова прашање може да се дојде само низ макроекономска анализа.
Тоа е така, бидејќи застарените иновации и технологии речиси и да немаат вредност за претпријатијата, но имаат определена вредност за општеството во целина, едноставно затоа што основа за нови иновации се старите иновации и технологии. Од друга страна, факт е дека претпријатијата кои развиле и први вовеле нови технологии, се стекнуваат со монополистичка моќ на пазарот (барем привремена, додека трае патентната заштита) и остваруваат високи екстра профити. Овој факт, како што и претходно споменав, ги стимулира претпријатијата сè повеќе да вложуваат во истражување и развој. Но, средствата за истражување и развој се субвенционирани од државата (владата), поради што прашањето за нивниот оптимален обем добива во својата актуелност.
Овогодишните лауреати особено внимание обрнуваат и на прашањето за менаџирање на отпорот кон промени. Креативната деструкција, односно развојот воден од технолошките промени, создава победници и губитници. Затоа се создава отпор кон промени и тој треба да се контролира и релативизира. Новите сознанија до кои дојдоа овогодишните лауреати даваат основа за осмислување на мерки за справување со отпорот кон промени. Овде ќе потсетам дека и Ачемоглу и Робинсон, минатогодишни добитници на Нобеловата награда за економија, дадоа одлично објаснување за отпорот кон промени на институциите што доаѓа од политичките и економските елити во општеството на кои им одговара постојниот систем на распределба на доходот или им одговара состојба на неефикасни и некредибилни институции што не се борат против корупцијата, против монополизирањето на пазарните структури, против слабото и неефикасно судство и сл., доколку од таквата состојба имаат лична корист.
На крај ќе напоменам дека проблематиката на економскиот раст и развој повторно се враќа во фокусот на истражувањата во економијата и особено на макроекономијата, што се потврдува и со фактот што во поново време (2018, 2024 и 2025 година) Нобеловата награда за економија беше доделена за придонеси во објаснувањето на детерминантите на економскиот раст и развој. Мислам дека ваквиот избор на оние што одлучуваат за Нобеловата награда за економија не е случаен. Напротив, тој е логична последица на загриженоста за ниските стапки на економски раст во глобални рамки, како резултат на дејството на повеќе фактори – последователните кризни нарушувања во светската економија (Големата рецесија од 2007-2009 година, европската должничка криза што уследи потоа, кризата детерминирана од ковид-19, енергетската криза и сл.) и на засилената тенденција на т.н. секуларна стагнација – долгорочно намалување на стапките на економскиот раст како последица на демографски фактори (намалување на стапките на природен прираст на населението и стареењето на населението) што на крајот резултира и со смалена понуда на работна сила.
МН: Што можеме да научиме од овогодишните лауреати?
Ако се суди по областа за која е доделена Нобеловата награда за економија за 2025 година, станува повеќе од јасно зошто придонесите на овогодишните лауреати имаат висока релевантност за македонската економија. Република Македонија е земја со слаба развојна и иновативна перформанса. Македонија, од осамостојувањето до денес, остварува ниски стапки на економски раст. Понатаму, нашата земја останува иноватор во подем со сумарен индекс на иновативност од само 46,3% од просекот на ЕУ. Што е уште полошо, овој индикатор е под просекот на земјите вклучени во групата иноватори во подем. Мислам дека проучувањето на придонесите на овогодишните лауреати, како од страна на академската фела така и од страна на креаторите на политиките, може да даде одговор на многу значајни прашања:
Зошто Република Македонија останува во групата на иноватори во подем, зошто и покрај определениот пораст на иновативните бизниси во периодот по 2016 година Македонија има исклучително слаба иноватина способност, постојат ли отпори кон промени на институциите и пошироко на постојните економски структури, како е можно тие да се менаџираат и управуваат и сл., а со крајна цел да се креираат услови за одржлив економски раст и развој.
Нобеловата награда за економија за 2025 година
(Авторот е универзитетски професор и редовен член на МАНУ)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


