Едицијата „СловоКулт: Словотека“ ќе биде презентирана во КИЦ-Скопје

Културно-информативниот центар – Скопје на 22 септември, од 19.30 часот, во Салон „Империјал 2“ е просторот каде што ќе се одржи презентација на едицијата „СловоКулт: Словотека“.
„СловоКулт : Берлин“ како онлајн-портал постои од 2008 година, од 2015 како регистрирана мала издавачка куќа, а од 2016 како двојазично онлајн-списание за современа поезија и уметност и веќе поседува етаблиран концепт на прикажување современи и авангардни уметности во иновативен, интердисциплинарен, мултимедијален и повеќејазичен контекст, притоа презентирајќи интернационални, но претежно македонски и германски книжевни, ликовни и звуковни уметници, што е содржано и во поднасловот: „Текст / Визија / Звук – Text / Vision / Sound“, што најдобро може да се забележи и во уметничките видеа што „СловоКулт“ ги продуцира.
Досега „СловоКулт“ реализираше две успешни изданија на биеналето за современи уметности (2018 и 2020), во Гевгелија, Скопје и Берлин, кое во 2023 се планира да се преобрази и да продолжи како серијал во Берлин и во Скопје. Книжевен документ од биеналето е антолошката публикација во која се содржани дела од сите книжевни и ликовни уметници што учествуваа.
Настанот во КИЦ е комбинација и презентација на избрана поезија во двојазична полифонија со видеоизложба и импровизиран звук од врвни локални, но и интернационални уметници, и е единствена и неповторлива, бидејќи самиот настан се претвора во едно својствено уметничко дело.
На настанот ќе бидат отворени изложби со дела од Ирена Паскали (Келн), Иван Ивановски (Скопје), Елизабета Костадиновска (Берлин) и Дијана Томиќ Радевска (Скопје), кои се илустрации во книжевните изданија.
Интердисциплинарниот, мултимедијален и повеќејазичен настан ќе се состои од неколку дела: Книжевност – Рон Винклер (Берлин) и Елизабета Костадиновска (Берлин) ќе читаат свои текстови објавени во „СловоКулт : публикации“; Стихови на македонски јазик од книжевните изданија ќе читаат македонските поети Александар Кирковски и Мануела Златкова; Видео презентација на поезијата од Софи Рајер и Краус; и Музика – Мартин Георгиевски (Amplidyne effect) и Андреј Татарчевски од Скопје, Валерија Мерлини (JD Zazie) и Максимилијан Богнер (Margaret Unknown) од Берлин.
Ќе има и видеоизложба на делата од уметниците објавени во публикациите на „СловоКулт“ и „Арт Еквилибриум“. Настанот е финансиран од Град Скопје и е дел од проектот „Скопје кандидат за Европска престолнина на културата 2028“.