Еден пациент во Македонија во просек користи 15 рецепти за лекови годишно
Фондот за здравствено осигурување го објави годишниот извештај за 2025 годинна според кој буџетот на институцијата пораснал за 6.13 проценти а капитацискиот бод за матичните лекари се зголемил за 33 проценти.
Препорачано
Фондот во 2025 година опфаќа вкупно 1.841.530 осигурени лица, зголемување за 1.993 нови лица. Структурата вклучува 558.469 активни работници, 358.716 пензионери и 630.914 членови на семејства. Трендот на стареење на осигурената популација е евидентен — пензионерите растат побрзо (+1,5 проценти) отколку активните работници (+0,2 проценти).
Буџетот на Фондот за здравствено осигурување за 2025 година достигна 51,5 милијарди денари (приближно 836 милиони евра), со годишен пораст од 6,13 проценти во споредба со претходната година. Приходите изнесуваат 52,08 милијарди денари, додека расходите се 51,49 милијарди денари. Здравствените услуги апсорбираат 86,4 проценти од вкупните расходи — 44,5 милијарди денари (приближно 723 милиони евра).
Во петгодишниот период 2021–2025, буџетот на ФЗО пораснал од 35,5 на 51,5 милијарди денари, со просечен годишен раст од речиси 8 проценти.
Во април 2025 година, капитациониот бод за матичните лекари е зголемен од 75 на 100 денари — пораст од 33 проценти, кој претставува највисокото зголемување во последната деценија. Ова е насочено кон подобрување на одржливоста и задржување на лекарите. Во системот работат 1.495 матични лекари, кои обезбедуваат покриеност од 0,81 лекар на 1.000 осигуреници. Капитациониот бод за гинеколозите е зголемен на исто ниво за 33 проценти, а за стоматолозите порасна за 23 проценти. Фондот ги идентификува регионалните нееднаквости — особено во Полошкиот регион каде покриеноста со гинеколози е под националниот просек — и ги насочува напорите кон таргетирано решавање, вели директоорот на ФЗОМ Сашо Клековски.
Во 2025 година евидентирани се 194.230 болнички случаи, зголемување за 2,15 проценти во споредба со 2024 година. Просечната должина на хоспитализација изнесува 4,86 дена. Договорите со јавните здравствени установи изнесуваат 32,49 милијарди денари (+10,5 проценти).
Во областа на биомедицински потпомогнато оплодување (БПО) се реализирани 1.051 ваучери. Реформата во оваа област ги проширува правата — до 6 обиди, без потреба од упат и со воведена електронска достава на решенијата. Реализирани се 251.454 дијализни третмани, 3.620 кардиоваскуларни интервенции, а 290 пациенти добиле лекување во странство.
Во 2025 година реализирани се 27,33 милиони рецепти (+4,53 проценти), со вкупна вредност од 3,6 милијарди денари. Просечниот број рецепти по осигуреник изнесува 14,8 годишно.
ФЗО е рангиран на првото место како најтранспарентна институција во Македонија според Агенцијата за слободен пристап до информации — скок од 45-то место во 2024 година. Во 2025 година Фондот одбележа и 25-годишнина од основањето.
Во рамките на законодавните реформи, скратен е рокот за лекување во странство (од 45 на 30 дена), а воведена е дигитализација на достава за решенијата за инвитро. Извршени се 7.844 контроли во здравствени установи.


