Џез-фестивалот „Нишвил“ со концерт ќе се презентира во Скопје

Прес-конференција во Амбасадата на Србија во Скопје

Во Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија се одржа прес-конференција на која беше најавен концертот „Нишвил во Скопје“, кој ќе се одржи на 19 јули, во 20.30 часот, во Куршумли-ан во Скопје. Концертот е дел од програмата на „Скопско лето“, а се реализира во соработка со здружението „Полифонија“.

На конференцијата се обратија амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија, Н.Е. Невена Јовановиќ, директорот на џез-фестивалот „Нишвил“, Иван Благојевиќ, пијанистот на групата „Моба трио“ Миша Павловиќ и вокалната солистка на „Нишвил Ромаџем оркестар“ Злата Маринковиќ.

– Горди сме и среќни што и со концертот на препознатливиот културен бренд, џез-фестивалот „Нишвил“, ги потврдуваме добрите билатерални односи што ги имаат нашите две држави и што низ уметноста, која не поврзува и спојува, ќе имаме можност преку реномирани уметници од Република Србија и со присуство на претставници на џез-фестивалот „Нишвил“ уште еднаш да покажеме колку нашите култури, традиции и народи се блиски. И во оваа прилика ќе нагласам дека Република Србија во целост е посветена со Република Северна Македонија да гради исклучително пријателски односи, кои се базирани на меѓусебна доверба и соработка – рече амбасадорката Невена Јовановиќ.

Меѓународниот џез-фестивал „Нишвил“ од Србија на „Скопско лето“ ќе се претстави со концерт на кој ќе учествуваат групата „Моба трио“, „Нишвил Ромаџем оркестар“ и диџеј Лоптица. На конференцијата беше презентирана и програмата на годинашното издание на џез-фестивалот „Нишвил“, што се одржува во Тврдина во Ниш, Србија.

– Се надевам дека средбите од овој вид ќе станат традиција и секоја година ќе бидеме гости на српската амбасада и на градот Скопје – рече Иван Благојевиќ, директорот на џез-фестивалот „Нишвил“, кој објасни дека посетителите од Македонија се меѓу најбројните на фестивалот во Ниш.

Активностите поврзани со фестивалот „Нишвил“ ќе се одржат од 4 до 13 август во Тврдината во Ниш. Програмата на фестивалот ќе се одвива на 16 сцени со 280 настани и со учество на околу 900 изведувачи.

Интернационалниот џез-фестивал „Нишвил“ ќе се одржи од 10 до 13 август и на сцената во Ниш ќе ги донесе групите „Дубиоза колектив“ (БиХ), Роберто Фонсека (Куба), Теодосиј Спасов (Бугарија), Ида Нилсен (Данска), „Ејжн даб фондејшн“ (Обединето Кралство), „Еурокубанс“ (Куба / Словенија), Трики (Обединето Кралство), Тана Алекса со Антонио Санчез (САД), но и други имиња кои ќе настапат на некоја од многубројните сцени.

Легендарниот српски пијанист Миша Павловиќ, кој во Скопје ќе настапи со „Моба трио“, истакна дека четирите денови на џез-фестивалот се вистински празник на музиката во Ниш, бидејќи доаѓаат групи и посетители од целиот свет.

Вокалната солистка Злата Маринковиќ од „Нишвил Ромаџем оркестар“ го истакна значењето на сегментот „Шабан и Балкан брас сцена“, на која се изведува етно и џипси-џез музика. Со таков жанр музика таа ќе настапи со нејзиниот оркестар на сцената во Куршумли-ан во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот