Двојни избори може да нè остават без шеф на државата

 Осми мај е и единствениот датум на кој може да има двојни избори во редовниот термин, односно втор круг од претседателски и парламентарни избори. Но, 8 мај е критичен датум, бидејќи може да останеме без шеф на државата и изборите да мора да се повторат, рече претседателот на Собранието Талат Џафери

Ако одлучува претседателот на Собранието Талат Џафери, вториот круг од претседателските избори нема да биде на 8 мај, како што предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, бидејќи е можно изборите да пропаднат и да останеме без шеф на државата. Тој ги повика пратениците да размислат за формирање работна група за изборите, а краен рок да се постигне консензус за датум е до Нова година.
Мицкоски, пак, повика владините партнери Димитар Ковачевски и Али Ахмети да се договорат за работната група, бидејќи, како што рече, денеска ќе ручаат заедно.

За работната група веќе се информирани координаторите на пратеничките групи

Претседателот на Собранието рече дека за иницијативата за работната група веќе се информирани координаторите на пратеничките групи, како и тие што не учествуваат на координациите.

– Пратениците треба да кажат дали се подготвени да учествуваат во работната група или не. Немам намера никого да повикувам, а тие треба да бидат одговорни за ова прашање и да ме информираат. Моја одговорност е да распишам избори во редовен термин. Претседателските избори не може да бидат вонредни. Најрано претседателските избори може да се одржат на 14 март, а најдоцна на 8 мај. Но 8 мај е цајтнот, бидејќи инаугурацијата на претседателот на државата треба да биде на 12 мај. Ако вториот круг од претседателските избори биде на 8 мај, можно е да останеме без претседател на државата ако има жалбени постапки, односно ако има прегласување на неколку гласачки места што би влијаеле врз резултатот на изборите. Ако се остави на мене, јас секако не би одлучил вториот круг од претседателските избори да биде на 8 мај. Ако така одлучат партиите, ќе го почитувам тоа, но нивна ќе биде одговорноста ако евентуално не се избере претседател на државата – рече Џафери на редовниот брифинг со новинарите.

Осми мај е и единствениот датум на кој може да има двојни избори во редовниот терми, односно втор круг од претседателски и парламентарни избори. Но, како што укажа Џафери, 8 мај е критичен датум, бидејќи може да останеме без шеф на државата и изборите да мора да се повторат.

Мицкоски: Ете му бел лист хартија, нека седне, нека напише датум

Според Мицкоски, ако ВМРО-ДПМНЕ ги иницира состаноците на работната група, тогаш ќе се јави Џафери и ќе рече дека е претседател на Собранието и логично е тој да ги иницира и дека ќе ги обвинат зошто опозицијата ги иницира.

– Затоа рековме нека седнат и нека се договорат, јас имам информација дека денеска ќе имаат работен ручек Ковачевски, Ахмети и Груби. Нека седнат, нека се договорат и нека кажат, тој и тој ден, во толку часот, работните групи ќе се состанат и ќе зборуваат за иднината, бидејќи овие два процеси се клучни за иднината на Македонија – рече Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема проблем што ќе ја иницира работната група, но дека мора да се договори термин, бидејќи треба да се спроведат препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

– Не е само терминот проблем, бегаме од суштината. Зборуваме за дрвото, а не ја гледаме шумата. Имаме сериозни препораки од ОБСЕ/ОДИХР, кои треба да се имплементираат во Изборниот законик, а препораките на ОБСЕ/ОДИХР се знаете – шест месеци пред избори не треба да се отвора Изборен законик, а ние сме помалку од шест месеци и повторно ќе интервенираме затоа што некој е кукавица и не сака да излезе и да се соочи со граѓаните – изјави Мицкоски.

Тој повтори дека, кога-тогаш, Ковачевски мора да излезе и дека мора за неколку месеци да имаме избори.

– Ме прашавте дали е 5 мај или 8 мај, јас и во мојот говор кажав, ете му бел лист хартија, нека седне, нека напише датум. Еве, нека напише датум и блиску до тие два големи празници, зборувам за Рамазан Бајрам и за Велигден, нека одлучи и ќе прифатиме. Нека одлучи, нека го ослободи општеството. Денеска има ручек со Ахмети и Груби, нека се консултира, ако треба од нив да добие зелено светло, нека го бара – истакна Мицкоски.

Што вели роковникот

Според роковникот, инаугурацијата на претседателот на државата треба да биде на 12 мај 2024 година, кога истекува мандатот на актуелниот шеф на државата.
Претседателските избори се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат. За да се запазат 60 дена претседателските избори, најрано може да бидат на 14 март и најдоцна на 5 мај, односно на 8 мај.
Изборите ги распишува претседателот на Собранието и од денот на распишувањето на изборите до денот на гласањето рокот да не се помалку од 70 дена и повеќе од 90 дена. Ако изборите бидат на 14 март, тогаш Џафери ќе ги распише на 4 јануари. Ако вториот круг на изборите биде на 8 мај, тогаш првиот круг од претседателските ќе биде на 24 април, а изборите ќе се распишат на 27 февруари. Можни датуми за претседателски избори во прв круг – на 14 март, 28 март, 11 април, 25 април. Во втор круг 28 март, 11 април, 25 април и 8 мај.
Роковите, пак, за парламентарните избори што се одржуваат во 90 дена од тековниот мандат на пратениците, кој завршува на 4 август, се најрано на 5 мај и најдоцна на 15 јули, за да се овозможи конституирање на Собранието во рамки на Уставот, најдоцна 20, односно 21 ден од гласањето.

Мицкоски останува на предлогот за двојни избори за да не се трошат десетици милиони евра од граѓаните „кои ги немаме“, како што рече.

Ставот, пак, на претседателот на Собранието е дека е лесно да се прават наративи оти е добро да заштедиме и парламентарните и претседателските избори да се одржат во ист ден, но штетата од тоа да останеме без претседател е многу поголема, бидејќи ако се промаши инаугурацијата на шефот на државата, изборите ќе треба да се повторат, а тоа значи повеќе трошоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот