Двојни аршини: ЕУ има „разбирање“ за корумпираните во своите редови

Случајот со Герт Јан Купман, член на Европската комисија, генерален директор за проширување, покажува дека ЕУ е далеку потолерантна кога корупцијата се случува во нејзините редови. Дали наравоучението е: слушајте што ви зборуваме, не гледајте што правиме?

Нема некој што дошол од Европската Унија, особено ако е висок функционер, што не ни одржал лекција за тоа колку лошо се справуваме со корупцијата. Случајот со Герт Јан Купман, член на Европската комисија, генерален директор за проширување, покажува дека ЕУ е далеку потолерантна кога корупцијата се случува во нејзините редови. Дали наравоучението е: слушајте што ви зборуваме, не гледајте што правиме?

Еве што ни зборуваат:

– Борбата против корупцијата е од клучно значење, не само затоа што Македонија е во процес на преговори со ЕУ, туку уште поважно е што тоа е во интерес на сите граѓани заради иднината, квалитетот на живот и особено за младата генерација која бара егзистенција надвор од земјата. Македонија не прави доволно во борбата против корупцијата и иако има напредок, резултатите се разочарувачки – вели во една од пораките евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, засилена со напомена дека ЕУ вложила многу средства за обуки, па време е земјата да испорача резултати.

Холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп беше уште поостар:

– Во борбата против корупцијата не гледаме некој напредок, напротив работите се влошуваат. Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и Народниот правобранител не се почитуваат од никој, ниту од Владата ниту од парламентот, ниту од Обвинителството. Корупцијата е состојба на умот. Ја има насекаде. Таа е дел од менталитетот и треба да се смени сега. Во спротивно желбата да бидете дел од ЕУ во 2023 година, ќе биде илузија – порача Јан Коп.

Еве што прават (не по правило, се разбира):

„Политико“ вчера го објави случајот со член на Европската комисија (ЕК), генералниот директор за проширување Герт Јан Купман. Тој во 2009 година купил хотел на Бали, кој од скромни пет соби прераснал во еколошки луксузен ресорт познат по својот „бесконечен базен“. Купман, како што се потсетува, не бил хотелиер, туку бил и е еден од највисоките функционери во ЕК во Брисел.

„Политико“ потсетува дека Европската комисија бара од своите вработени да ги пријават сите нивни „надворешни активности“ во обид да ги пресретнат можните конфликти на интерес пред да станат проблем. Но, купувањето луксузен хотел во Бали се чини дека не е проблематично.
Хотелот што го купил Купман сега е ресорт „Мундук модинг плантејшн нејчр ресорт и спа“ во кој една недела може да чини до 6.000 евра.

Сепак, според портпаролите на Европската комисија, во овој случај нема никаков проблем, бидејќи, како што велат, „сопствеништвото надвор“ не се смета за „правење“ нешто. „Да се биде сопственик не се смета за надворешна активност, бидејќи тоа не подразбира дека имало активност во смисла на инвестирање одредено време што може да има влијание врз извршувањето на должностите на работа“, изјавиле од ЕК за „Политико“.

Но, факт е дека Купман во ниту еден момент не го информирал својот работодавач – Европската комисија – и покрај правилата за конфликт на интереси што предвидуваат сите вработени да кажат и да добијат дозвола за сите „надворешни активности“.

Правилата на Комисијата се јасни – на вработените не им е дозволено да заработуваат повеќе од 10.000 евра годишно од каква било „надворешна активност“. Исто така, забрането им е да преземаат „задачи и активности“ за комерцијално ориентирани компании. Но, „Политико“ потсетува дека пријавувањето на финансиската заработка надвор од работата во ЕК е оставена на самиот функционер, па вработените не мора да ги откриваат своите лични финансиски интереси и секое пријавување е базирано на добрата волја на функционерот. Уште поинтересно е што според правилата, нема никакви санкции во случај на нивно непочитување.

„Политико“ во март објави и дека Естонецот Хенрик Хололеи, тогаш директор надлежен за транспорт, прифатил бесплатни летови со „Катар ервејс“ додека неговиот тим преговарал за договор со оваа земја. Тогаш ЕК објави дека Хололеи „сам ги одобрил“ своите летови и немал каков било конфликт на интереси бидејќи немало важечка процедура за службениците на тоа ниво да бараат одобрение од ЕК. Сепак, Хололаи кој, патем како и Купман имаше директорска плата од 17.700 евра, беше присилен да даде оставка на директорската функција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот