Двоен јубилеј одбележа поетот Раде Силјан, чие творештво ги обединува генерациите
Македонскиот поет, есеист, критичар и преведувач Раде Силјан е еден од носечките столбови на македонската култура. Половина век, со неговото творештво, како еден од стожерните автори, тој ги исцртува магистралните текови на македонската книжевност.
Препорачано
Силјан е полиграф што оствари и остварува голем дел од најзначајните културни мисии за Македонија, не само како поет, книжевен критичар и антологичар, туку и како уредник, издавач, општественик и културен деец.
Како книжевен критичар, пак, тој е и сеизмограф што ги бележеше и ги бележи сите потреси во нашата книжевност, ги одбележа и издигна сите значајни автори за историјата на македонската книжевност, а секогаш посебно беше заинтересиран да ги поддржи младите. Сократовска, а јавна личност што создаде културен центар на македонската културна елита, што ќе остане забележано во историјата како една ретка појава.
Ова се само дел од констатациите и пораките што беа искажани на 16 декември на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на чествувањето 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните македонски автори на XX и XXI век, Раде Силјан.
Настанот „Огледало на вековите“ беше во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура, а како што беше кажано, двата јубилеја не се значајни само за творечката биографија на Силјан, туку и за македонската книжевност и култура и нивната историја.
Библиотеката за македонска книжевност и култура беше претесна за да ги собере огромниот број почитувачи на ликот и делото на Силјан – академици, универзитетски професори, писатели, ликовни уметници, музичари, историчари, актери, дипломати, филозофи, лекари, режисери, политиколози, правници, педагози, економисти, теолози… И студенти, млади македонисти и воопшто млади книжевни истражувачи. Творештвото на Силјан ги обедини генерациите. Многумина и простум стоеја дури се беседеше за Силјан, се интерпретираа негови стихови и се водеше книжевен разговор со него.

Настанот го отвори деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски, по што присутните ги поздрави проф. д-р Трајче Стамески, раководител на Катедрата за македонска книжевност и култура, којашто и го осмисли и реализираше централното чествување на големите јубилеи.
– Сакам особено да ја истакнам долготрајната поддршка што Катедрата за македонска книжевност и култура ја добива од Раде Силјан. Таа се препознава преку донации на книги, преку постојана достапност на изданија и преку можноста за објавување научни и книжевни трудови во рамките на издавачката дејност на „Матица македонска“. Станува збор за однос заснован на пријателство и заемна почит кон книгата, кон македонскиот јазик и кон академската работа, граден со децении. Учеството на студентите во оваа програма е особено значајно. Тоа покажува дека добрата книжевност секогаш го наоѓа патот до својот читател и дека делото на Раде Силјан е активен и незаобиколен дел од универзитетскиот живот и од дијалогот меѓу генерациите. Овој настан е резултат и на нивната посветена и одговорна работа – истакна Стамески.
За творештвото и културните мисии на Силјан, на настанот говореа универзитетските професори Кристина Николовска, Венко Андоновски и Весна Мојсова-Чепишевска. На настанот, книжевен разговор со Силјан водеа студенти од Катедрата за македонска книжевност и култура, при што беа отворени повеќе важни прашања.
Во своите одговори, Силјан, за првпат пред јавноста сподели и детали што се од клучна важност за македонската книжевна историја. Но, едновремено, не ја заборави својата книжевна генерација, како и своите претходници и упати пораки за потомците и за идните генерации творци.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 312, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.12.2025)


